ММС

Објавено на: 06/3/21 12:46 PM

МВР нема никаква надлежност во регистрацијата на политички партии – вели Спасовски по најавата за формирање партија „Република Илирида“

МВР нема никаква надлежност во делот на регистрацијата на политички партии, здруженија на граѓани или на што било друго – изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање дали МВР презема нешто околу најавите за формирање политичка партија „Република Илирида“.

„Значи тука имаме регистрациони судови коишто се занимаваат со една ваква активност, а ние ќе одговориме на секој еден предвик којшто е од делот на безбедноста без разлика од каде тој доаѓа. Посебно во делот на екстремизмот и тероризмот многу сериозно работат службите и досега се спречени неколку обиди за спроведување на вакви активности. Државата ќе одговори на секој еден што е подготвен да го руши уставниот поред“, искоментира Спасовски.

Идејата за формирање политичка партија дојде од движењето „Република Илирида“. Првиот човек на ова движење, Неџат Беџети пред неколку дена на јавна трибина образложи дека ќе се обиде да формира партија со цел државата да се федерализира. Тој најави дека доколку навреме ја регистрираат политичката партија и успеат да земат учество на изборите, во изборната кампања ќе настапат токму со ваквото барање за федерализација, а ако победат, автоматски ќе го формираат Парламентот на Илирида, која би функционирала како втора Република во рамки на Македонија.

 

В. Ми

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.