ММС

Објавено на: 06/3/21 12:56 PM

Моловите во недела да работат само од 10 до 18 часот, а работниците да добијат 100 отсто поголема дневница, усогласиле Шахпаска и ССМ

Сојузот на синдикати на Македонија и Министерството за труд и социјална политика ги усогласиле ставовите за недела неработен ден и усогласиле со колективен договор, здравствените работници да можат да користат 36 дена одмор.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, на прес-конференцијата по состанокот со министерката Шахпаска, рече дека на работната средба разговарале за спорните прашања за кои со работодавачите не успеале да постигнат договор, но МТСП ги поддржало.

-Усогласени се ставовите на Сојузот на синдикати на Македонија и Министерството за труд и социјална политика, договорите за работа на определено време да не траат подолго од една година бидејќи по овој основ за време на ковид пандемијата ги изгубивме скоро 70 отсто од работните места, а со тоа оставивме голем број работници без основна егзистенција. По истекот на една година бараме АВРМ автоматски да го трансформира односот од неопределено во опреденело време, рече Димовски.

Тој вели дека ќе настојуваат ковид заболувањето да се третира како професионална болест, па и во приватните фирми тие што ќе одат во изолација или самоизолација да добиваат 100 отсто од платата, а не 70 како да се на боледување.

– Во фундаменталниот Закон за работни односи бараме да се изостави членот 117, став 2, кој овозможува работодавачот да ангажира работник три месеци прекувремено а за тој период да не му биде платено. Знаеме дека таму стои дека работодавачот може при зголемен обем на работа да ангажира работници, па сите го прават тоа, посебно во приватниот сектор и сметам дека ова е нефер член во законот и бараме негово укинување, вели Димовски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе бараат повисоки казни за компаниите кои не добиле плата, Димовски вели дека освен парични, тие бараат и до една година затворска казна за управителите или директорите.

Тој ги охрабри работниците анонимно да пријават за злоупотреба на апликацијата „Е советник“ и тие ќе поведат судски спор и бесплатно ќе ги застапуваат и ќе дадат бесплата правна помош за работниците.

Министерката Шахпаска вели дека надоместот за работа во недела за работниците вработени во есенцијалните дејности ќе биде поголем за 50 отсто, а вработените во трговските центри, ќе добијат 100 отсто бидејќи тие не се есенцијална дејност, но анализите покажуваат дека најголем дел од прометот тие го остваруваат во недела.

– За да им излеземе во пресрет ние предвидовме дека сите што ќе работат во моловите ќе работат една смена, од 10 до 18 часот, задолжително да обезбедат додаток на дневницата за 100 проценти, задолжително да дадат ден за неделен одмор за работниците кои ќе работат во таа смена, а дополнителна обврска на оние кои пријавиле дека ќе работат, два отсто од нивниот неделен промет да го уплатат во централниот буџет, појасни Шахпаска.

За злупотреба на недела неработен ден, прекршителите ќе ќе бидат затворени на 15 дена, а при следно прекшување на 30 дена и парична казна.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.