ММС

Објавено на: 06/3/21 11:50 AM

За 659 граѓани нема евиденција во матичната книга на родени: Народниот правобранител бара законски измени и поголема сериозност од државата

Вкупно 659 лица во државава не се евидентирани во матичната книга на родени. Тие не можат да ги остварат ниту елементарните човекови права како правото на образование, здравствена или социјална заштита, а не можат ни да се вработат. Ова го нотира најновиот извештај на Народниот правобранител кој се фокусира на состојбата со неевидентираните деца и лица воопшто во матичните книги на родени.

Податоците и информациите кои ги содржи извештајот се добиени врз основа на истражување, кое го опфаќа периодот од 2018 година, односно од годината кога беше распишан јавниот повик за евидентирање на лицата чиешто раѓање не е евидентирано во матичната книга на родени, заклучно со април 2021 година. Состојбата на терен укажува на недоследности во примената на Законот за неевидентираните лица кој беше донесен во февруари ланската година.

„Вкупно се доставени 211 барања за упис во посебната матична книга што значи ако го споредиме со вкупниот број на неевидентирани лица кој изнесува 659, неспорно е дека 448 се’ уште немаат поднеснео барање за упис до Управата за водење наматичните книги“, изјави на денешната презентација на извештајот заменичката на народниот правобранител, Васка Бајрамовска – Мустафа.

Најголемиот број од овие лица, односно 397 се малолетници, а меѓу етничките заедници највеќе преовладуваат Ромите.

„Законот предвидува лицето кое не е евидентирано да наведе адреса на живеалиште односно престојувалиште и таа се зема како основа за издавање на изводот. Доколку  лицето нема пријавено адреса, според  Законот се евидентира адресата на Центарот за социјални работи во местото на престојување на овие лица. Управата на располага со таква информација, а нема податок ни  за бројот на постапки коишто се во тек за дополнителен упис во матичната книга на родените заклучно со април 2021 година. Во Законот е определен рок од 30 дена од започнување на постапката до донесување на решение за дополнителен упис во матичната книга на родените, кој во пракса скоро и да не се почитува“, додаде Бајрамовска-Мустафа на денешната прес конференција.

Таа предупреди дека во секој град различно е утврден бројот на денови во кои во подрачните одделенија на Управата може да се врши прием на лицата кои сакаат да поднесат барање за евиденција. Па така на пример, во Скопје има само еден приемен ден, за разлика од Тетово каде во неделата има по два приемни дена.

„Заедничко за најголем број од подрачните одделенија на Управата за водење на матични книги е тоа што во најголем борј од нив само едно службено лице е определено како контакт лице со неевидентираните лица во постапката за евиденција и издавање на изводи“, алармира заменичката народен правобранител.

Вонредната состојба ја отежна примената на Законот за неевидентирани лица

Извештајот покажува дека вонредната состојба поради пандемијата дополнително го усложнила решавањето на проблемот со неевидентираните лица.

„Важноста на законот е до 30.06.2021 година, а во пракса 70 отсто од идентификуваните неевидентирани лица се уште немаат поднесено барање за упис. Законот почна да се применува по вонредната состојба, поради што граѓаните имаа ограничен пристап до институциите кои воведоа поинаков начин на работа. Заклучно со април 2021 година, вкупниот број на неевидентирани лица внесени во евиденцијата е 659 од кои 60 отсто или 397 се деца на возраст до 18 години. Дополнително, не’ загрижува дека организациите известуваа за случаи на деца кои се родени по завршување на јавниот повик додека Управата нема такви информации иако според закон и за нив важи начинот на пријавување и стекнување со соодветни документи“, додаде Бајрамовска-Мустафа.

Таа вели дека лицата кои не се евидентирани сепак добиваат идентификационен документ, но тоа не е доволно за тие да ги остварат своите права.

„Како што потврдуваат и од Управата со документот кој го добива односно идентификационата исправа, лицето не може да отвори сметка во банка, да склучи брак или да врши упис на дете или негова пријава по редовна постапка иако ги исполнува условите согласно закон“, објасни таа.

Извештајот нотира и дека Законот не го го уредува прашањето за упис во посебната матична книга на умрени за лице кое има поднесено барање, но постапката е во тек или пак, за лице кое се пријавило како неевидентирано, а се уште не поднело барање за упис.

Од Омбдусманот реагираат дека институциите не се доволно сериозни во решавањето на прашањето со неевидентираните лица. Оттаму апелираат проблемот да се реши системски и трајно со сериозно прифаќање на одговорноста на Управата и сите институции кои се дополнително ангажирани во овој процес.

„Управата е единствениот орган во чија надлежност е запишувањето во матичната книга на родените. Ако тој орган има одговорност да ја води постапката од почеток до крај мора да има и човечки капацитети и познавања за примената на законот и сензибилизирање кон граѓаните имајќи ја предвид нивната неедуцираност и социјалната состојба“, додаде денеска Бајрамовска-Мустафа.

Таа истакна и низа препораки, кои како што вели, може да придонесат кон поефикасно справување со проблемот, со цел неевидентираните лица кои се од ранлива категорија да имаат поголемо човеково достоинство.

Препораки

-Да се разгледа можноста за една година да се продолжи рокот за за поднесување барање за упис на неевидентирани лица во Матичната книга на родени и  да имаат можност да поднесат барање до надлежните со потребната документација најдоцна до јуни 2022 година;

-Во Законот за неевидентирани лица да се прошири опсегот на примената документот кој го добиваат односно идентификационата исправа заради непречено остварување на основните човекови права на децата и генерално на лицата чие раѓање не е евидентирано;

-Да се уреди уписот во посебната матична книга на умрените за лицата кои починале, а за кои е во тек постапка за упис или кои се уште не се евидентирани;

-Да се зголеми бројот на лица задолежни за прием на барања, упис и водење на постапка за запишување на неевидентирани лица;

-Да се определат повеќе приемни денови во неделата во врска со ова прашање заради ефикасно одговара;

-Да се преземат мерки за целосно информирање на неевидентираните лица со јасни и конкретни насоки за потребната документација за упис во матичната книга;

-Да се изнајдат начини за континуирано информирање на граѓаните за обврската за упис и за последиците врз остварување на правата на детето доколку тоа не биде регистрирано навреме во Матичната книга;

-Да се интензивираат посетите во живеалиштето на нееевидентираното лице од страна на претставници од Управата во соработка со граѓанските организации и да се преземат мерки за сензибилизација на вработените за постапување со овие лица и подобрување на односот кон нив со цел да се почитува нивното човеково достоинство;

-Државата целосно треба да ја преземе одговорноста за идентификација, регистрација и вклучување на правно невидливите лица во системот. Повеќегодишниот проблем да го реши на системски начин и трајно со почитување намеѓународните конвенции  и домашната регулатива.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.