ММС

Објавено на: 06/3/21 9:42 AM

Заклучно со вчера вакцинирани вкупно 241.368 лица во земјава: Належните апелираат граѓаните масовно да се пријавуваат

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата – тврди Министерството за здравство.

Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 437.339 граѓани.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 241.368 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.067 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 15.756 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 362.710 дози вакцини, а ревакцинирани се 121.342 граѓани. Со последните бројки 47 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.