ММС

Објавено на: 06/2/21 12:41 PM

Се заоструваат казните за свештениците кои направиле сексуална злоупотреба: Ватикан донесе историска одлука

Папата Франциск ги промени законите на Римокатоличката црква за да ги заостри казните за сексуална злоупотреба. Ова е најголемата ревизија на кривичниот закон во последните четириесетина години. Новите правила подразбираат дека сексуалната злоупотреба, подведувањето малолетници, поседувањето детска порнографија и прикривањето злоупотреба се кривични дела според законот на Ватикан.

Папата истакна дека една од целите била да се намали бројот на случаи во кои казната била препуштена на дискрецијата на власта. Ова е првпат црквата официјално да го препознае подведувањето како метод кој сексуалните предатори го користат за да ги искористат жртвите.

Развојот на промените во Канонскиот законик траеше 11 години и вклучуваше придонес на експертите. Католичката црква последните години ја „тресат“ илјада извештаи за историска сексуална злоупотреба од страна на свештеници. Жртвите и критичарите со децении се жалеа дека законите се застарени и бараа да се отворат за толкување. Новите правила ќе стапат на сила на 8 декември.

Ватиканскиот закон сега препознава дека и возрасните лица, како и децата, може да бидат жртви на свештеници кои ги злоупотребуваат своите овластувања. Порано црквата веруваше дека возрасните може да дадат согласност поради своите години и не земаше предвид дека и тие може да бидат жртви особено ако постои неурамнотежена моќ.

Кодексот вели дека свештеникот може да ја изгуби положбата доколку користел сила, закана, или злоупотреба поради својот авторитет. По првпат, дури и администраторите кои работат во црковниот систем ќе може да се соочат со казна доколку се јават како злоставувачи. Казната за нив ќе биде парична или пак, отпуштање од работното место.

Со новото законско решение се одзема дискреционата моќ која порано им беше овозможена на високите претставници на Црквата да ги игнорираат или прикриваат наводите за злоупотреба поради заштита на свештениците. Сега врз основа на ова секој би можел да биде прогласен за виновен бидејќи не ги истражил и казнил сексуалните предатори.

Фото:   franciscus

Извор:  rs.n1info.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.