ММС

Објавено на: 06/1/21 2:30 PM

Потпишан меморандум за разбирање меѓу обвинителствата за гонење на организиран криминал и корупција на Македонија и Албанија

Основната јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска денеска оствари работна средба со својот албански колега главен специјален обвинител во Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал Арбен Краја, на која бил потпишан и Меморандум за разбирање помеѓу обвинителствата со кои раководат.

Русковска и Краја, како што информираат од ОЈО, на средбата имале плодна дискусија во врска со подобрување и унапредување на билатералната соработка во борба против организираниот криминал и корупцијата, а водени од принципите на еднаквост, меѓусебно разбирање и заемни интереси.

Со Меморандумот обвинителствата се обврзаа во рамките на своите надлежности и согласно европското законодавство и законодавствата на Р.С.Македонија и Р.Албанија да ги зајакнат меѓуинституционалните односи во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Воедно, обвинителите се договорија да соработуваат преку размена на информации и документи поврзани со нивниот делокруг на работа, советување за општи правни прашања поврзани со заемната правна помош и меѓусебни посети со цел подобрување на знаењето и зајакнување на вештините на јавните обвинители од двете обвинителства, се вели во соопштението од ОЈО.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.