ММС

Објавено на: 06/1/21 6:28 PM

Фондациите Отворено општество секогаш биле глас на прогресот: Интервју со извршната директорка на ФООМ, Фани Каранфилова-Пановска по повод три децении работа во Западен Балкан

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ)  одбележа 30 години постоење и работа на фондациите во Западниот Балкан. Преку дебата и документарен филм на јавноста ѝ беше прикажано што секоја од националните фондации успеала да постигне во изминатите 3 децении во овој регион. Зошто се одлучиле за ваков пристап, каква улога одигра Фондацијата во македонската демократизација и колку граѓанското општество е важно за справување со последиците од пандемијата со ковид-19, се само дел од прашањата за кои разговараме со извршната директорка на ФООМ, Фани Каранфилова-Пановска.

Триесетгодишното постоење на Балканот го одбележавте со документарен филм. Зошто се одлучивте за ваков пристап, дали сметате дека преку уметноста може да се укаже на некои текови, промени и случувања во општеството?

Повод за одбележување на 30 години постоење и работа на Фондациите Отворено општество во Западниот Балкан е една иницијатива која имаше за цел да даде еден приказ на тоа, што секоја од националните фондации присутна во секоја од државите на Западен Балкан има постигнато и направено во изминатите 30 години. Нашиот настан по повод одбележување на овој јубилеј беше замислен да има два аспекта, односно преку филм да се навратиме на минатото и да направиме пресек на она што сме го направиле за државата во изминатите три децении, но и преку дебата да дадеме поглед кон иднината и да видиме кои се предизвиците со кои нашата држава, па и целиот регион ќе се соочи, а на кои Фондацијата би можела да даде некаков одговор.

Документарниот филм го избравме како алатка којашто сметавме дека најдобро ќе ги искомуницира нештата направени во минатото. Тоа не беше документарен филм кој имаше за цел да се посвети на целокупното наше работење.

Избравме филмот да се фокусира на придонесот на Фондацијата и нејзината улога во неколку клучни кризни периоди низ коишто поминуваше нашата држава во изминативе три децении. Документарниот филм покажува како низ кризите, Фондацијата растеше и се развиваше, кои беа различните начини на коишто помагавме на оштеството, на граѓаните и на институциите и да кажеме каде сме денес. Филмот завршува со тоа дека повторно сме во една ситуација на криза предизвикана од пандемијата со ковид-19. Фондацијата и во оваа кризна ситуација, како и во повеќе наврати претходно, одговори со сериозна помош пред сѐ на оние граѓани на кои таа помош им беше најпотребна.

Уметноста за Фондацијата секогаш била од големо значење, пред сѐ уметноста којашто имала храброст, уметноста која имала ангажираност критички да ги опсервира случувањата во општеството. Различните уметнички изрази без разлика дали тоа било книжевно тврештво или издаваштво, разноразни сценски изведби и настапи, секогаш биле едни од најклучните начини на кои сме делувале и сме работеле на градење на ставови или јавно мислење по одредени прашања.

 Од оваа перспектива, какква улога одигра ФООМ во демократизација на македонското општество?

Фондациите Отворено општество секаде низ светот, па така и во Македонија, секогаш биле глас на прогресот, глас на нешто што било напред или пред времето и глас на она што значело поддршка на прогресивните сили во општеството за да се надминат одредени ситуации или појави. Фондацијата за демократизацијата има направено многу. Прашање е колку од граѓаните, односно дали мнозинството граѓани се свесни за тоа.

Сепак факт е дека плуралзимот во медиумите е резултат на работата и делувањето на Фондацијата во раните деведесетти години. Помошта обезбедена за првиот приватен весник Дневник настрана од дотогашниот монопол на Нова Македонија, помошта на А1 телевизија, поддршката на неколку регионални телевизии во текот на 92-та, 93-та година и така натаму, беше еден значаен дел од нашата работа и значаен дел од ресурсите одеа за поддршка на медиумскиот плурализам.

Понатаму, поддршката на граѓанското општество.

Фондацијата сите овие 30 години работи во насока на развој на граѓанското општество и тоа на автентичното, кое имало интерес и било посветено на застапување на вредностите на отвореното општество кои значат почитување на човековите права, добро управување, борба со корупцијата, сѐ она што значи слобода на говор и мисла, сѐ она што значи плурализам во политичкиот, општествениот и економскиот развој на државата. Поддршката на граѓанското општество се засновала на тоа да ги поддржуваме најмалите организации коишто функционираат на локално ниво и кои се многу значајни за поддршка на локалните заедници.

Сме се труделе да изградиме организации коишто ќе бидат компетентни да се носат рамо до рамо и партнерски во одредени области со тоа што го работат институциите. Како резултат на голем број програми коишто некогаш биле програми во рамки на Фондацијата се издвоени како засебни организации низ овие триесет години сигурно над 25 организации од кои голем дел и ден денес постојат, функционираат и работат и коишто се, ако не единствени, едни од ретките кредибилни аналитичари и организации кои го разбираат доменот на својата работа во повеќе области како младинското организирање, прашањето за медиумите и новите технологии, европските интеграции или образованието на најмладите од предучилишно образование или пак, организации кои работат во доменот на некои од уметностите.

Голем дел од овие организации се резултат на една долгогодишна посветеност на креирање капацитети меѓу граѓанските организации за вакви актери кои денес можат да бидат рамноправни партнери на институциите при креирањето на политиките, но и будни набљудувачи и критичари на процесите на носење на одлуки и реагирање тогаш кога е потребно.

Десоросоизацијата беше процес кој го покрена поранешниот премиер Груевски

Поимот „десоросизација“ се’ уште не е заборавен, како и споменувањето на изразот „соросоид“ што повремено го среќаваме. Ви пречи ли сега?

Соросоид како термин се појави кон крајот на 90-те. Терминот иако како кованица не звучи многу достоинствено, сите оние кои беа нарекувани соросоиди, а тоа не беа само вработените и нашите партнери, туку и сите оние што мислеа поинаку од властите или тоа што беше мејнстрим политиката, беа етикетирани со тој назив. И тогаш кога беше најтешко, кога бевме под сериозен напад и дури и нашето опстојување како Фондација беше загрозено со институционалниот  политички прогон што го наметнаа односно оркестрирано го спроведуваа институциите на поранешниот режим, и тогаш, а и денес гордо сме си го носеле тој назив. Тој е обележје на некој што има интегритет, некој што има став и некој што бил доволно доблесен и храбар тој свој став да го кажува јавно без да се плаши.

Десоросоизацијата беше процес којшто јавно беше покренат лично од тогашниот премиер, Никола Груевски вечерта на 17.12.2016 година непосредно по парламентарните избори кога тој за првпат така експлицитно јавно од пред ДИК кажа дека го прогласува процесот на десоросоизација за отпочнат.

Тој најави дека со тој процес треба да се стави крај на сите оние коишто го загрозуваат неговото владеење бидејќи тој така сметаше дека нашата борба за држава без криминал и корупција е загрозување на нивниот начин на владеење, дека треба да им се стави крај и да се пресмета со нив, иако овие наративи за конечна пресметка со неистомислениците се појавуваа и преходно, 10-тина години претходно.

Првиот список на оние кои беа за „отстрел“ се појави веднаш по самитот на НАТО во Букурешт во 2008-та година, но факт е дека ова беше една кулминација или изјава на таа нетрпеливост кон сите други кои беа во голем број. Тоа не беше само нашата Фондаицја, нашите партнери или грантисти, тоа беше еден значителен дел од граѓанството. Го објави тој процес, а потоа тој се спроведе и во пракса. Практично неколку дена подоцна добивме известувања од Обвинителството за организиран криминал и корупција, од УЈП и така натаму за посети во нашите канцеларии и за посети на инспекции коишто траеја 6-7 месеци и беа многу непријатни затоа што беа оркестрирани и направени по нарачка. Тој се обиде тоа да го спроведе во пракса.

Процесот на тогашната најавена десоросоизација и сѐ она што следеше потоа беше напад врз Фондацијата и врз 21 друга граѓанска организација, но воедно беше напад, јас би рекла, и кон голем број други билатерални и мулатерални донатори кои беа партнери на Фондацијата. Пред сѐ тука мислам на Американската агенција за развој и соработка од која во тој момент имавме грант, но и кон фондовите на Европската унија, Швјцарската агенција за развој и сорабта и така натаму. Тие инспекции, тоа „тресење“ на документацијата и нагон исконски да се најде нешто што не е согласно законите, значеше и претресување на начините на коишто овие други донатори ги трошат и спроведуваат парите.

За среќа, тој институционален политички прогон така како што започна, заврши со институционален завршеток.  Организациите, сите ние добивме известувања по завршените истраги, по комплетирањето на документацијата дека нема ништо спорно во нашето работење, дека целата нашата работа е согласно правилата и прописите, тука пред сѐ се мислеше на начинот на трошењето на средствата.

Сѐ уште имаме поделено општество со бројни нерешени суштенски проблеми и бројни предизвици, вклучувајќи и тие од образованието. Како ќе делувате во перспектива?

Нашето општество е сѐ уште за жал поделено по многу основи, иако фрустрацијата од таа поларизација или спротивставеност во последните години не се гледа.

Настрана од поделбите и постојаното користење на меѓуетничките односи како едно плодно тло врз коешто може да се развиваат и негуваат конфликти и кое беше еден од основните мотиви, па и денеска е кај некои од политичките актери, еден од основните наративи со кои би сакале да го мобилизираат своето членство против. Мислам и на поделеноста во економска и социјална смисла, на поделеноста во контекст на центар-перифесија, на поделеноста на општеството град-рурални средини. Имаме многу неурамнотежен развој или дисбаланс на повеќе нивоа и токму тие разлики и таа поделеност отсекогаш биле наш основен фокус.

Се разбира, будно следиме сѐ што се случува, но нашата главна одредница со која се занимаваме изминатите години и ќе се занимаваме во иднина, е да помогнеме таа неурамнотеженост да се избалансира најмногу кога станува збор за економско-социјалната нерамноправност на граѓаните.Тука пред сѐ, мислам на нерамноправност во пристапот до образование, пристапот до здравствени услуги. Работиме со заедниците кои се економско и социјално депресирани и на кои им треба повеќе помош отколку на кој било друг.  Тука во фокусот се и Ромите и жените и децата и тоа од овој аспект до пристапот со основните услуги поврзани со основните човекови права.

Ќе се фокусираме на тоа како работат и управуваат институциите со ресорите коишто им се доделени, од аспект на тоа дали тоа се прави по принципите  на добро владеење и справување со корупција. Тука ќе делуваме многу и ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на граѓанските организации да се залагаат за оние круцијални вредности на отвореното општество и понатаму, но пред се да бидат будни и да ги следат политиките на оваа власт и да бидат гласни кога некои од тие политики застрануваат.

Новонастанатите услови ја интензивираа соработката на регионално ниво

 Какви се врските на ФООМ со сестринските организации во регионот и пошироко?

Со фондациите од регионот имаме извонредна соработка  и секојдневна комуникација. Аспектот на соработка на теми кои се од регионално значење станува императив за нас, така што многу блиску соработуваме и сега во последните 2 години заеднички спроведовме повеќе проекти како мрежа на Фондации во Западен Балкан со канцелариите во Тирана, Белград, Приштина и Сараево. Пет фондации има национални во моментот во Западен Балкан, но регионално соработуваме и со актери од граѓанското општество и во другите држави каде што нема национална фондации, како што се Црна Гора или Хрватска, па некогаш и со Словенија.

Регионалната соработка е важен аспект на нашето натамошно делување, таа се интензивираше со овие услови. Регионално можеме да споделиме знаења и искуства за заеднички да им помогнеме на оние кои беа диспропроционално повеќе загрозени од кризата, а тоа се работниците со нивните работнички права, жените кои беа дел од неформалната економија, Ромите и другите малцинства. Работевме еден пакет проекти за економско-социјална поддршка на овие категории граѓаните со национален, но и со регионален пристап. Во иднина ќе биде важно и нужно да работиме сите заеднички на климатската транзиција, односно  на трансформацијата на нашите општества и нашите економии.

Планот за помагање или придонесување кон искористување на сите оние средства коишто пред сѐ Европската унија, но и другите актери ги ставаат на располагање за да ја направиме оваа климатска транзиција поедноставно и побрзо. На полето на работа со граѓаните и покревање на нивото на разбирање на граѓаните дека за да си ја заштитиме околината, да си ги заштитиме ресурсите како водата, почвата и шумите неопходно е секој од нас да биде вклучен и да го даде својот придонес. Нивото на свесност кај нас не е доволно и тука има значајно поле за работа кога станува збор за транзицијата кон зелени извори  на енергија и сѐ што значи зелена економија. Има многу иновативни начини и методи, дури и граѓански организации и бизнис ентитети почнуваат да ги практикуваат на планот на креирање обновливи извори на енергија. Дали се тоа од ветерници, од вода, од рециклирање на ѓубрето. Има интересна иницијатива и во Штип за рециклажа на отпадот од текстилната индустрија, па и од тоа може да се прават некои репроматеријали.

Сѐ она што значи трансформирање на постоечките економски модели во други иновативни коишто ќе обезбедат обновливи извори на енергија, а воедно со истите тие активности ќе се обезбеди да голем дел од она што досега сме го третирале како смет и завршувало на депониите, да може да се искористи како извор на нов тип на обновлива енергија.

Третата област во којашто би сакале да соработуваме со регионалните организации се разните модели или инструменти со кои ќе се следи работата на институциите од аспект на спречување и превенирање на корупција.

Какви се односите со дологодишниот директор на фондацијата, Владимир Милчин, кој често излегува до ставови на критика и кон интелектуалците и граѓанските активисти?

Релациите со Милчин ни се одлични. Тој откако заврши на функцијата во Фондацијата си се посвети на свјата режисерска работа повеќе и веројатно работни кои и претходно го интересирале, но не можел толку да им се пoсвети мoжеби.

Критиката е здрава работа и значи дека имаме можност секој да има слобода да си го изрази својот став. Уште подобро е кога тие критики се слушнати од адресите до кои се упатени и  се на некој начин земени предвид. Тоа што не само Владимир, туку и други интелектуални критички ја опсервираат работата на оваа власт е дбро и здраво. Тоа е доказ дека овде секој може да си го каже својот став без да претрпи последици.

Многумина во судската и извршната власт биле соработници на Фондацијата, добро познати актери во општествениот живот. Дали ги оправдаа очекувањата на јавноста и на граѓанскиот сектор?

Сите членови на кабинетот на сегашнава влада кои на некој начин произлегуваат или  имаат свое минато со работа во граѓански организации дефинитивно имаат поглем сенс за тоа зошто е важно, колку е важно и како треба да се вклучи граѓанското општество во процесите на креирање политики. Нивната предност е тоа што, покрај тоа што сите се компетентни во областите во ресорите кои се избрани да ги водат, имаат увид во милјето помеѓу граѓанските организации. Знаат како граѓанското општество пулсира и дише и тоа е предност пред сите можеби останати, за да бидат посензитивни и можеби дури и со поголемо знаење за тоа во кој момент треба организациите да бидат консултирани и како и зошто нивните препораки за одреднеи пракси и политики, да ги земат предвид.

Членовите на владиниот кабинет кои биле претходно во граѓанските организации се едни од поуспешните министри, барем досега.

Над 1 милион долари за помош на најпогодените од ковид-кризата во земјава

Каква е улогата на граѓанските организации последните години и колку пандемијата ја покажа улогата на граѓанското општество?

Пандемијата покажа дека пред сѐ се работи за една здравствена криза, но таа на површина исфрли и многу други проблеми кои со години се имаат таложено во ова наше општество. Тоа не е само здравствто, туку и економскиот развој, начинот на кој функционира пазарот, капацитетот на фирмите да се справат со ваков притисок и тн. Ни беше јасно дека потреба од помош и интервенција ќе има. Многу бргу се активиравме.

Можам да кажам дека во изминтиве 16 месеци, Фондацијата има издвоен над 1 милион долари помош, со што обезбедивме хуманитарни пакети за оние кои беа најзагрзени. Тоа се маргинализираните граѓани коишто ги изгубија своите работни места, своите приходи. Но истовремено обезбедивме поддршка за рабтниците од  неформалната економија, за жените од земјоделството, за жените генерално што ги изгубија своите приходи. Обезбедивме поддршка,  правни совети и административна помош за да најдат начини како да дојдат до правата кои им ги обезбедуваа мерките на Владата на овие категории граѓани.

Мислам дека граѓанските организации беа неопходни да се вклучат во справувањето со пандемијата. Ќе биде неопходно да продолжат да бидат вклучени и да им помагаат на граѓаните затоа што има сфери и области за кои институциите не може да стасаат или немаат капацитет. Организациите се тесно поврзани со заедниците што ги претставуваат и нема друг покредибилен актер прифатен од самите граѓани кој ужива таква доверба отколку организациите за да им помогнат во такви тешки моменти.

 Каква ќе биде улогата на граѓанското општество во пост-ковид периодот?

Пост-ковид периодот глобално се разбира, отвори многу дилеми кои претходно биле потиснати. Отвори видици за тоа како може да се живее и работи различно од претходно.

Со сите предизвици коишто ги донесе и со кои допрва ќе се соочуваме, пред се во еконмска смисла, мислам дека мудри институции ќе треба да ги искористат можностите и да ги трансфрмираат овие предизвици во можности за државата. Тука е јасно дека Македонија во голем број од секторите покажала пад во 2020-та година. Две индустрии кои бележат пораст во услови на криза се ИТ индустријата и земјоделието. Тоа кажува многу. Тоа кажува каде се нашите капацитети и во услови на криза кои се домените кои како држава треба да ги поддржуваме, за да си обезбедиме поголема просперитетност во иднина.

Фондацијата остаува посветена на следење на тоа како ќе се развиваат понатаму  последиците од кризата и останува особено посветена да им помага на оние граѓани коишто  се социјално и економски на маргините, кои доаѓаат од помалите заедници и од аспект на пристапот до образование, до правда и од аспект на тоа како да охрабрат да бидат дел од климатската транзиција. Треба да го разберат прашањето и потоа со своето делување да станат дел од едно движење за климатска транзиција којашто ќе значи почиста околина за сите и утврдување на економски модели  за развој кои ќе донесат поголем напредок. Остануваме посветени на анализирање и следење на тоа како политичарите управуваат со институциите од аспект на почитување на владеење на правото и спречување на корупцијата. Тоа е јадро на нашите вредности.

Во пост-ковид периодот ќе биде особено важно затоа што секогаш кога институциите се соочени со криза, ризикот да влезат во „забранети води“ се зголемува.

Ние следиме и сега и ќе продолжиме да следиме дали и каде се крши владеењето на правото и како институциите водат сметка јавните ресурси да ги трошат на правилен начин согласно прописите.

Главната цел кон која се стремиме придонес кон обезбедување поголема социјална правда. Нѐ интересира како антикорупцијата е директно врзана со обезбедувањето на социјална правда за граѓаните.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.