ММС

Објавено на: 06/1/21 1:05 PM

Проектот за нов клинички центар е параван за како да се искраде од граѓаните – вели Мицкоски по изјавата на Филипче дека опозицијата меша „баби и жаби“

Проектот на Филипче за изградба на нов клинички центар е физибилити студија од 30 страници. Ова е параван за како да се искраде од граѓаните, а проект е тоа што ќе се гради во соседна Србија. Ова го изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски коментирајќи ја изјавата на министерот за здравство дека опозицијата меша „баби и жаби“ по обвинувањата дека клиничкиот центар овде е неколкукратно поскап од оној што се гради во Србија.

„Ја слушнав таа реакција на господинот Филипче. Во право е, споредбата е баби и жаби, бидејќи разликата е 400 милиони евра. Толку е поевтин клиничкиот центар во соседна Србија од она што тие со Заев планираат да го украдат од македонските граѓани“, посочи Мицкоски.

„Проектот на Филипче е физибилити студија од 30 страници. На страна 9 во делот Предложен капацитет на кревети стои дека ќе има точно илјада кревети и специфицирани се каде. Ако го споредите тоа со Клиничкиот центар во соседна Србија, ќе видите дека тоа е проект. Ние тоа никогаш нема да го добиеме затоа што се неспособни, а граѓаните во Србија ќе го добијат до септември“, посочи Мицкоски.

Претходно од опозициската партија реагираа дека клиничкиот центар кој се гради овде е неколкукратно поскап од српскиот, на што ресорниот министер, Венко Филипче одговори дека во Србија се работи за зграда  која е изградена уште пред дваесетина години, но била празна, а властите одлучиле да ја реновираат. Во однос на цената, истакна дека објектот овде ќе биде комплексен бидејќи станува збор за нова зграда со нова опрема.

 

В. Ми

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.