ММС

Објавено на: 06/1/21 12:21 PM

ВМРО-ДПМНЕ преговара со пратеници од СДСМ за иницирање предвремени парламентарни избори

Основна цел при функционирање на опозиција е да поднесе барање за предвремени парламентарни избори ако верува, а ние силно веруваме, дека оваа влада лошо ги менаџира работите во Македонија.  Вака одговори денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали со локалните избори годинава ќе побараат и предвремени парламентарни избори. Тој рече дека прашањето не е „дали“ туку „кога“.

„Ние секој ден бараме оставка и создавање услови за предвремени парламентарни избори час поскоро“, додаде Мицкоски.

Прашан како ќе ги иницираат изборите и дали ќе одат преку Собрание, тој рече дека не познава друг формално-правен начин за да иницираат избори.

„Правно треба 61 пратеник да кренат два прста  и на тој начин да се распушти оваа Влада и да се закажат нови парламентарни избори. На друг начин за жал не можеме да одиме, зборувам формално-правно“, посочи опозицискиот лидер додавајќи дека секојдневно работат на методологијата преку која ќе се обидат да обезбедат 61 глас.

„Кога ќе имаме мнозинство од 61 пратеник ќе ја информираме македонската јавност. Дали е  опфатен дел од пратеничката група на СДСМ во тие преговори, да, е опфатен. Оптимист сум дека оваа Владата треба час поскоро да замине. Секој ден поминат на Зоран Заев во Владата е на штета на граѓаните“, истакна Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање пак, за новиот Закон за државјанство тој рече дека до денес никој не го информирал за она што го договорија од Владата со Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

„Сакам да појаснам дека од онаа прес конференција којашто ја држеше Зоран Заев  заедно со претставниците од Коалицијата  АА и Алтернатива  се обврза дека ќе разговарал меѓу другото и со ВМРО-ДПМНЕ.  До денеска таков разговор не е спроведен, ниту пак некој не информирал што е договорено. Пратениците ги добија амандманите службено во рамките на парламентарната процедура. Ги разгледавме врз основа на тој Предлог закон што е договорен помеѓу  Зоран Заев и Коалицијата. Ние ќе предложиме наши амандмани па ќе почекаме оваа парламентарна процедура да заврши и ќе го видиме епилогот“, додаде Мицкоски.

Во однос на изјавата на лидерот на Беса Биљал Касами, дека се исклучува договарање со ВМРО-ДПМНЕ за коалиција за претстојните локални избори,  Мицкоски коментира дека такви изјави даваат само луѓе на кои како што вели  тој, политиката повеќе им е хоби отколку сериозна професија

„Па јас тоа го доживеав како навреда кон неговите политички конкуренти, затоа што тој чувствува дека е толку надмоќен кон неговите политички конкуренти што гласовите на ВМРО-ДПМНЕ во определени општини како што разбрав господинот Касами ќе се кандидирал во Тетово, а господинот Фадил Зендели во Гостивар, се толку големи што не му е потребна поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.  Јас му посакувам среќа  и успех во неговата намера и една порака вака како човек во политиката ќе испратам, дека такви изјави даваат луѓе кои или не ја разбираат политиката или таа им е повеќе хоби отколку сериозна професија“, посочи Мицкоски.

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.