ММС

Објавено на: 06/1/21 11:47 AM

ФФМ самата побарала бордо дресови од „Јако“ – Ексклузивно за ММС, германската компанија вели го изработила тоа што и било порачано

Германската компанија „ЈАКО“ е изненадена од потезите на Фудбалската федерација на Македонија која минатиот викенд под притисок на јавноста го повлече новиот дрес на фудбалската репрезентација затоа што бил направен во неприродна бордо боја која не е препознатлива на нашата земја.

Голем револт предизвика бордо бојата на основниот или „домашен“ дрес наместо со традиционалната црвена боја, а првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини за тоа ја префрли топката кај германската компанија за производство на спортска опрема велејќи дека не било испорачано договореното.

Ексклузивно за Македонски Медиа Сервис, германската компанија одговори дека Фудбалската федерација на Македонија била таа што побарала дрес со специфичен дизајн со Балканскиот рис во бордо боја.

Фудбалската федерација на Македонија вчера не информираше дека тие не сакаат нивниот национален тим да игра во новите дресови со дизајнот на рисот на претстојното Евро 2020 на УЕФА. ЈАКО не го очекуваше ова. Според, ФФМ, главна причина за оваа одлука било разочарувањето кај фанови околу бојата на домашниот дрес.

Откако се квалификуваше на Европското првенство, Фудбалската федерација на Македонија побара специфичен дизајн со балканскиот рис и домашен дрес во бордо боја. Ние го изработивме овој дизајн точно како што беше побарано и го презентиравме пред јавноста на 28 мај“, ексклузивно изјави за ММС, Нико Вагнер, задолжен за односи со јавноста во ЈАКО.

Ова е сосема спротивно од она што го соопшти Сејдини во своето извинување до јавноста завчера.

Драги навивачи на македонската репрезентација, како претседател на Фудбалската федерација на Македонија чувствувам обврска да се обратам до фудбалското семејство во врска со промоцијата на новиот дрес на македонската репрезентација за Европското првенство. Најпрвин, изразувам искрено жалење за негативните реакции кои што беа предизвикани од бојата на новиот дрес. Свесни сме дека репрезентативниот дрес претставува чест и амбиција на секој фудбалер уште од најрана возраст. Репрезентативниот дрес беше подготвен со голема радост на барање на фудбалерите. Тимот бараше нови репрезентативни дресови. Ние сакавме да го исполниме тоа барање.

За жал, техничката поддршка во однос на бојата на дресот не е во согласност со барањата на ФФМ. Федерацијата и службите во ФФМ целосно ја преземаат одговорноста за овој избор, но исто така ќе побараат одговорност и од техничкиот партнер.

Поради реакциите од бојата на дресот, ние како Фудбалска федерација на Македонија пративме допис до УЕФА со кој бараме натпреварите од Европското првенство да ги одиграме со актуелните дресови. Се надевам дека УЕФА ќе има разбирање за нашето барање и ќе излезе во пресрет на истото.

Со актуелниот репрезентативен дрес игравме на Европското првенство 2017, со тој дрес остваривме историски пласман на ЕУРО 2020 и со тој дрес ќе се претставиме на првенството кое со нетрпение го очекуваме.

Ве повикувам со добра мисла да ги испратиме нашите херои на Европското првенство. Навивачкиот дух да им биде ветер во грб“.

ФФМ најави дека ќе игра во старите дресови со црвена боја, но само ако УЕФА тоа го дозволи која има строги правила на одобрување на трите гарнитури на дресови и спортска опрема пред секое големо натпреварување.

Во спротивно, нашиот национален тим на натпреварите против Австрија и Украин во Букурешт на 13-ти и 17-ти јуни, односно против Холандија на 21 јуни ќе мора да настапат со новите дресови и да личат на Летонија наместо на Македонија. Домашниот дрес е во бордо боја, гостинскиот дрес е во бела боја, а третата гарнитура е црна. За срамот да биде уште поголем, претседателот Стево Пендаровски веќе му подари бордо дрес на папата Франциск при неговата посета на Светата столица во Ватикан минатата недела.

Не е јасно ниту кој ќе ја плати оваа грешка затоа што ФФМ за набавка на целокупната спортска опрема од „ЈАКО“ за 2021 година за сите фудбалски селекции, за Академијата, за футсалот и за женскиот фудбал, ќе треба да издвои 350.000 евра.

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.