ММС

Објавено на: 06/1/21 10:05 AM

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Македонија гради ист Клинички центар како во Србија, но четири пати поскап – Филипче одговара дека мешаат баби и жаби

Не е точно дека проектите на Клиничкиот центар во Белград и тој кај нас се исти, не може да се споредуваат овие работи, тоа е споредба на баби и жаби. Вака одговори министерот за здравство Венко Филипче откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека најавениот клинички центар што се гради кај нас е неколкукратно поскап од тој што се гради во соседна Србија.

Министерот објасни дека во Србија станува збор за зграда која е изградена уште пред дваесетина години, но била празна, а властите одлучиле да ја реновираат.

– Тоа е онаа голема бела зграда на влезот на Белград, од десна страна, на која пишува „Клинички центар“. Таа со години е празна, само два спрата беа опремени и беа амбуланти. Властите во Србија сега одлучија сето тоа да го реновираат и опремат. Не станува збор ниту за нова градба, ниту за капацитет каков што ние планираме, станува збор за споредба на баби и жаби, рече Филипче.

Во однос на цената тој вели дека е јасно објаснето во физибилити студијата.

– Јасно стои таму што значи висока комплексност на болница и колку чини квадратен метар на болница со висока комплексност кога станува збор за нова градба и целосна опрема за да биде таква болницата, рече министерот.

Тој вели дека не е коректно да се злоупотребува положбата во Парламентот и да се блокираат вакви закони. Апелира до ВМРО-ДПМНЕ да прифати да дискутира и јавно да се вклучат сите чинители во овој процес – економисти, експерти од областа на здравството, финансиери, да се дискутира во делот на урбаното планирање и сл.

ВМРО-ДПМНЕ инаку со амандмани ја блокира изградбата на новиот Клиничкиот центар. Тие денеска преку партиско соопштение обвинија дека Клиничкиот центар кај нас, кој ќе чини повеќе од половина милјарда евра,  ќе биде четири пати поскап од тој што во моментот се гради во Србија.

– Овој што се гради во Србија и е идентичен со планот за клинички на ВМРО-ДПМНЕ и предвидува 1.000 болнички кревети, 400 болнички соби, и други неопходни работи за современ медицински центар и чини верувале или не 125 милиони евра. Тоа е четири пати пониска цена од она што сака најкорумпираната влада во Европа, владата на Заев да го потроши за клинички. Ова што го планираат Заев и Филипче е само пљачка на народот, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму велат дека доколку продолжеле по проектот на ВМРО-ДПМНЕ за Клинички центар, кој инаку го отфрлија, досега би бил готов.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.