ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/24/21 11:15 AM

Германци ќе ги прават новите регистарски таблички во следните три години – МВР тврди дека навреме ги испорачува табличките

Речиси еден месец откако Министерството за внатрешни работи за ММС потврди дека граѓаните конечно ќе добијат нови регистарски таблички и ќе ги одбегнат огромните трошоци кои ги правеа со вадење на пробни таблички, возачите во техничките станици во Прилеп, Велес и уште неколку градови се жалат дека таблички се уште нема.

Минатиот месец МВР избираше нов економски оператор и поради постапката се случи застој во процедурата на издавање на сообраќајни дозволи и регистарски ознаки кој граѓаните скапо го платија со вадење на пробни таблички.

“Ве известуваме дека сите регистарски таблици се испорачуваат континуирано по сите Сектори за внатрешни работи, како што се изработуваат од страна на носителот на предметната набавка со кој е склучен договор. Редовната постапка за избор на нов економски оператор придонесе до забавување во процесот на издавање на регистарски таблици, но не и негов прекин. Избран е нов економски оператор, односно група на понудувачи од македонска и германска фирма, со кои е потпишана тригодишна рамковна спогодба“, велат за ММС од Министерството за внатрешни работи.

Од средината на март немаше нови регистарски таблици и сопствениците на новонабавените возила кои ги носеа возилата во Станиците за технички преглед во Велес, Струмица и останатите градови, се жалеа на неажурноста на МВР.

– Возилото го купив од автоплац кој ги увезува автомобилите од ЕУ. Документите ги преведов, направив холомогација, поминав технички преглед и извадив осигурување за автоодговорност, но на шалтерот на МВР ми рекоа дека таблици нема и дека најверојатно ќе немало во следните три месеци. Извадив пробни таблици кои важат само пет дена за кои платив 1400 денари и 200 денари осигурување. Поради застојот во МВР ние имаме дополнителни трошоци – истакна сопственик на возило завчера во една од Станиците за технички преглед.

Други возачи реагираа затоа што МВР не ги известило граѓаните до кога ќе ги нема и од кога ќе ги има таблиците за да не ги одјавуваат возилата кои ги купуваат половни од физичко лице од друг град. Во тој случај, лицето кое го продава возилото ја одјавува сообраќајната дозвола и ги враќа регистарските таблици, а новиот сопственик во новата општина треба да го пријави и да извади нови таблици за да го вклучи во сообраќајот.

Според сегашниот закон, „до издавање на регистарски таблички и сообраќајна дозвола за возилото од органот што ги издава во живеалиштето на новиот сопственик, возилото не смее да учествува во сообраќај, освен со потврда за пробно возење и пробни таблици, но само во определени услови, време и релација“. Тоа значи дека во случај на доцнење на табличките како што беше случај претходно, сопственикот може да го вози возилото пет дена колку што е рокот за пробните таблички, трошокот паѓа на негов товар, а потоа треба да го исклучи возилото од сообраќај.

А, новиот економски оператор кој го избрало МВР, не е познат во јавноста. МВР досега набавуваше регистарски таблички од компанијата Раде Кончар од Скопје која во јавноста беше обвинета дека доцнела со испораката иако таа како фирма била елиминирана при јавниот повик за набавка.

Во декември 2019-та беше потпишан договор за една година во висина од 575 илјади евра за испорака на 80 илјади пара регистарски таблици.

„Раде Кончар – Контактори и релеи беше надлежен и одговорен за спроведување надоговорот за изработка на регистарските таблички склучен со Министерствототo за внатрешни работи, до исцрпувањето на вредноста на рамката. Имено, регистарските таблички, како основен метод за нумерација и идентификација на превозните средства во патниот сообраќај во Република Северна Македонија се од суштинско значење за непречено функционирање на Државата. Имајќи ја предвид сериозноста на состојбата, како единствен производител на овие таблички, благовремено го информиравме Министерството за внатрешни работи дека постои недостаток на регистарски таблички поради истек на договорот. Раде Кончар – Контактори и релеи ниту добиваше нарачки за изработка, ниту имаше законска можност да испорачува регистарски

таблички во изминатиов период.На ден 26.09.2020 Министерстовото за внатрешни работи објави повик за јавна набавка на регистарски таблици за моторни возила, која постапка заврши со поништување. Во повторената постапка Министерството дури во месец април донесе и одлука за избор на најповолен понудувач. Во оваа постапка, друг економски оператор е избран за најповолен понудувач, додека Раде Кончар – Контактори и релеи е елиминиран, па нашите права ќе

продолжиме да ги остваруваме преку надлежните институции и во рамки на позитивните прописи“, неодамна соопштија од Раде Кончар.

 

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7