ММС

Објавено на: 05/22/21 5:26 PM

(ВИДЕО) За Стеф Кари нема плеј-оф, Мемфис го фати последниот воз во доигрувањето

Крај на сезоната за Голден Стејт Вориорс, крај на надежите на потенцијалниот МВП за директен дуел со Јута Џез во плеј-офот на Западот.

„Воините“ од вториот обид не успеаа во плеј-инот да обезбедат победа над Мемфис Гризлис и сезоната над очекувањата за нив да ја направат уште подобра.

Исто како и на дуелот со Лос Анџелес Лејкерс, момците на Стив Кер покажаа огромна борба и до самиот финиш ја чуваа шансата за враќање онаму каде што всушност припаѓаат.

Триесет и деветте поени на Стеф Кари не беа доволни за избегнување пораз од 112:117 oд талентираниот и полетен тим на Мемфис. По регуларниот дел и резултат 99:99, Џа Морант и екипата сепак манифестираа карактер и издржливост во моментите кога двобојот „се кршеше“.

Морант на свое конто на крајот забележа 35 поени, Дилон Брукс уфрли 14 поени, Грејсон Ален 12 поени, а Ксавиер Тилман 11 поени. Кај поразените, покрај неверојатниот Кари, Ендрју Вигинс оствари учинок од 22 поени.

Во првиот дуел од плеј-офот, сега Мемфис Гризлис ќе се соочи со првопласираниот од регуларниот дел од кампањата во Западната конференција, Јута Џез. Останатите дуели на Западот се: Лос Анџелес Клиперс – Далас Маверикс, Денвер Нагетс – Портланд Блејзерс, Феникс Санс – Лос Анџелес Лејкерс.

На Истокот, Филаделфија ќе се судри со Вашингтон Визардс, Њу Јорк Никс по подолго време се најде во плеј-офот и шансата за прогрес ќе ја бара преку Атланта Хоукс, Милвоки Бакс и Мајами е сигурно дуелот број еден на источниот брег, а Бостон Селтикс ќе одат на мегдан кај фаворитот Бруклин Нетс.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1