ММС

Објавено на: 05/21/21 1:51 PM

Почина иконата на македонската клупска кошарка, Војислав Зивчевиќ

На 60-годишна возраст синоќа почина поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Работнички и Николферт, Војислав Зивчевиќ. Со огромна тага и неверување денес клубот од Аеродром ја пренесе веста за ненадејната смрт на иконата на македонската клупска кошарка.

Популарниот „Тумба“ се одликуваше со неверојатна борбеност и пожртвуваност под обрачите и во сите клубови во кои настапуваше имаше голем придонес во освојувачките спортски походи.

-Со огромна тага и неверување, претпладнево ја примивме веста за ненадејната смрт на нашата поранешна голема играчка легенда, Војислав Зивчевиќ (60 години), кој беше еден од носителите на играта во периодот кога нашиот тим се бореше за влез и настапуваше во Првата лига на СФРЈ, која беше меѓу трите најдобри во Европа. Со своите игри и пред сѐ борбеност, популарниот Тумба се избори и за место во тогашниот „Б“ тим на репрезентацијата на поранешната заедничка држава. Тој ќе остане запаметен како вреден, упорен и борбен играч, кој им пркосеше на сите противници, па дури и најголемите ѕвезди во тогашна Југославија. Секогаш ведар, насмеан и расположен за кошаркарски муабети, последните години од животот ги мина посветен на својот внук Тео, во кого гледаше уште еден наследник во кошаркарската лоза Зивчевиќ, покрај својот син Ненад, кој исто така во минатото играше за МЗТ Скопје Аеродром и на ќерката Ивана.
Почивај во мир Тумба, никогаш нема да бидеш заборавен, стоеше во соопштението на МЗТ Скопје.

Зивчевиќ со Работнички освои двојна круна, а пред пензионирањето од професионално играње се закити и со титулата првак на Македонија со гостиварски Николферт. Неговиот син, Ненад Зивчевиќ, во кариерата настапуваше и за двата македонски брендови и по интернационалните епизоди се врати во КК Куманово.

Фото:
Facebook / MZT Skopje
д.ј

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1