ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/19/21 9:00 AM

Сите се грижат за старите, а ќе имаме проблем со менталното здравје на младите – смета епидемиологот Харис Бабачиќ од Институтот Каролинска во Стокхолм

Може да очекуваме дека годинава оваа пандемија ќе заврши. Веќе треба да планираме што ќе правиме потоа – прогнозира Харис Бабичиќ магистер по епидемиологија и докторанд истражувач на Институтот Каролинска во Стокхолм, Шведска. Тој вели дека Ковид-19 е болест која најмногу ги погодува повозрасните и затоа според него, фокусот на здравствените системи во сите земји досега бил ставен на тоа да се заштитат токму овие граѓани. Бабачиќ беше дел од говорниците кои вчеравечер дебатираа на темата „Пост ковид реалност? Кој е патот до поправедно општество?“.

-Кога говориме за некоја болест, говориме од два аспекта. Првиот се однесува на бројот на луѓето кои го загубиле животот и вториот на животот со некаков здравствен недстаток.  Верувам дека ќе има многу подолгорочни последици на кои ќе треба да се посветиме како општество“, истакна Бабачиќ на дебатата во организација на Фондацијата Отворено општество.

Иако повозрасните се дел од најризичната група граѓани во оваа актуелна пандемија, докторот смета дека здравствените власти треба да се фокусираат и на менталните проблеми кај младите, кои имаат суицидни мисли.  Бабачиќ вели дека институциите не се функционални, а како резултат на тоа луѓето немаат еднаков пристап кон здравствено-социјалната грижа.

„Здравствениот систем постепено се рони во Македонија и така некои граѓани беа приморани да ги користат свои ресурси и заштеди за да си обезбедат заштита. Тоа е резултат на тоа што недоволно е инвестирано подолг перид во јавното здравство, долг период немаме доволно вработување на кадар и тоа е еден фокус на кој исто така би требло да се посветиме. Целиот овој период беше тежок за нас“, порача Бабачиќ на дебатата.

Тој забележува дека изминатиот период имало многу обвинувања дека младите не се грижат доволно за повозрасните, но всушност токму младите вели тој, имаат сериозен проблем со егзистенцијата.

„Не можете да очекувате тие да посветуваат внимание на  повисоки нивоа на потреби. Голем број луѓе во Македонија ги немаат решено потребите на сигурност и не може да размислуваат за некои понатамошни социјални, емпатични потреби. Тоа е нешто за кое треба да дискутираме како општество“, смета Бабачиќ.

Тој порачува дека развивањето на свеста за важноста на менталното здравје треба да почне преку образовниот процес.

„Мислам дека училиштата треба да се искористат за да се дојде до младите, да се детектираат симптомите на ментални прблеми. Треба и да имаме посебна програма со фокус на оние млади кои имаат хронични болести или други проблеми. Еден пристап е дефинитивно да се засилат програмите во училиштата за ментална поддршка, а здравствените власти  да имаат и посебни програми кои ќе се фокусираат на овие подгрупи на младите“, додаде Бабачиќ.

Тој посочи дека се надева оти тука ќе профункционира здравствениот модел кој извонредно функционира во европските права, а кој подразбира права и пристап на оние на кои најмногу им треба здравствена грижа.

(В. Ми)

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7