ММС

Објавено на: 05/18/21 10:36 AM

Бочварски: Законот за дивоградбите не е идеален, но сакаме да го подобриме и да им помогнеме на граѓаните

Новиот Закон за легализација на дивоградби секако не е идеален. Тој има и слабости и добри страни, но не е прифатливо ние да замижуваме. Граѓаните нас нѐ бирале за да бараме решенија –смета министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Според него, нелегално изградените објекти кои се 50 илјади на број, се на граѓани кои успеале да изградат кров за себе и своите семејства.

„Ние комуницираме со општините бидејќи тие имаат одредени сознанија и во однос на претходниот закон колку барања има, колку се одбиени, колку се во процес на работа. Од тој аспект, градови или општини како Штип, Струмица, Велес со средна големина имаат од 2 до 3 илјади објекти според нивните проценки, кои немаат решено правен статус“, изјави денеска Бочварски.

„Овој закон е поднесен во 2019 година, доста време дискутираме во јавноста и се донесе, но уставната можност која ја искористи претседателот да не го потпише, е уште една шанса да заедно издискутираме со јавноста и да најдеме решение да им помогнеме на граѓаните. Сакаме луѓето да дадат предлози како да го подобриме“, додаде ресорниот министер.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дека Законот нема да важи за Охрид и Струга, тој потенцира дека се работи за регион кој е заштитен под УНЕСКО и таму има посебни правила и процедури кои треба да се почитуваат.

„Имаме и план за управување под УНЕСКО, кој прави  разлика во однос на другите градови кои имаат само детални урбанистички планови или генерален урбанистички план. Таму има дополнително и план за управување кој не секогаш се поклопува со ДУП-овите. Од тој аспект правиме дистинкција во однос на тоа дали одреден објект од тој регион би имал штетно влијание врз животната средина и токму поради тоа  имаме и посебен член во овој Закон сакајќи да го заштитиме Охридскиот регион. Одредени субјекти и институции имаат право да побараат да се оцени уставноста на законот. Јас мислам дека ова е правилно решение за да го заштитиме регионот кој ни е под УНЕСКО“, посочи Бочварски.

Прашан дали се планира зајакнување на капацитетите за да не мора веќе да се носат вакви законски решенија, тој рече дека продолжуваат со притисок за јакнење на инспекциските служби.

„Во овој Закон внесовме 50 проценти казнени пенали и доколку комуналиите во општина Штип се 50 евра секој оној што легализира  ваков објект ќе треба да плати 75 евра по квадратен метар со цел неговиот објект да влезе во правна рамка доколку ги исполнува сите услови“, додаде денеска министерот.

 

Фото:  Архива

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1