ММС

Објавено на: 05/17/21 5:11 PM

Измени во извршната власт не би требало да има, вели Заев

Извршната власт е бирана од Парламентот и нејзините претставници заслужија да добијат шанса. Тие се околу 8,5 месеци министри, раководители и слично имајќи во предвид дека Владата е бирана лани на 1 септември не би требало да има измени, порача премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во одговор на  новинарско прашање, дали по конгресот на СДСМ треба да очекуваме промени во извршната власт.

-Задоволен сум од вчерашниот конгрес, коментирав јавно дека не се лесни овие кадровски решенија. Давањето шанса на секој да се вгради и заблагодарувањето на некој што и досега се вградил се сериозни процеси коишто оставаат трага за мотивација на следни генерации да се борат да добијат шанса и да дадат свој прилог во унапредување на севкупниот квалитет на живот на Р.С. Македонија. СДСМ е сериозен чинител, најголем политички субјект кој во моментов ја има честа и одговорноста да управува со извршната власт, заедно со коалициските  партнери. Верувам дека тоа ќе биде поттик на секој да се вгради политички и да помогне во процесите, потенцира Заев.

Додаде дека голем дел од највисокото раководство се носители и на високи функции, почнувајќи од заменик претседателката, генералниот секретар, потпретседателите на партијата, кои носат сериозни функции и еден дел од Извршниот  одбор, а останатите, посочи, можат дополнително да бидат посветени  на соодветни политики во координација со граѓаните, за да се изградат уште поуспешни политики во претстојниот период.

Тој заклучи дека имаат компилација на потпретседатели и на раководство за коешто, како што рече, јавноста исклучително позитивно коментираше од сознавањето на имињата до денеска.

-Тоа е многу значајно за да биде ветер во грб, но секако и чувство на одговорност и обврска сите да работиме и заедно да испорачаме резултати. Со овие потпретседатели и генерален секретар и заменик претседател ќе го победиме ВМРО-ДПМНЕ и на следните избори и уште на неколку изборни циклуси. Најповеќе заради нас, но и заради нив. Нека се менуваат, нека се подмладуваат, нека се возобновуваат за да може да имаме фер компентентен натпревар, па можеби некогаш и тие ќе победат  на некои следни избори, им порача Заев.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.