ММС

Објавено на: 05/17/21 3:12 PM

Ана Петровска и Мирослав Богдановски разрешени од потпретседателските функции во ДОМ – како ќе делуваат?

Сталинистички методи во водењето на партијата, која мал дел на луѓе ја сметаат за свој ДООЕЛ –  е коментарот на пратеникот Мирослав Богдановски по вчерашните случувања во партијата ДОМ. Богдановски, како еден од двајцата пратеници на ДОМ во Собранието, е дел од коалицијата со СДСМ заедно со претседателката Маја Морачанин. Со директорката на Државниот инспекторат за заштита на животната средина, Ана Петровска и Бети Дејанова се разрешени од функцијата потпретседатели на ДОМ, но остануваат како членови. Тоа се тројца од четворицата потпретседатели.

И Петровска и Богдановски укажуваат, на како што велат, несфатливиот однос на дел од сопартијците, кои наместо да ја разгледаат нивната иницијатива за свикување на вонреден конгрес, потпишана од две третини од општинските ограноци и над 50% потпишани членови, одлучија прва точка да го стават нивното разрешување од партиските функции. Со тоа, како што велат, не дадоа никава можност да се разгледа иницијативата.

-Можеа да ја стават иницијативата за вонреден конгрес и да ја отфрлат, но наместо тоа одлучија да не’ исфрлат и да демонстрираат сталинистички методи во раководењето. Како тогаш ние да ги браниме нашите ставови?! , праша пратеникот Богдановски, кој е еден од основачите на ДОМ.

Петровска, која стана позната на јавноста по видливите резултати на Инспекторатот, кажа дека подолго време во партијата нема дијалог. Според неа, организиран е нелегитимен Централен одбор, што бил искористен нестатутарно да одлучува форумот на жени, наместо општинските организации. На таков начин биле вметнати нови членови, кои всушност, вчера го чинеле кворумот. Што се однесува до нејзиниот статус во партијата, како и Богдановски останува член, но неизвесно е дали останува како директор на Инспекторатот. Имено, Петровска е в.д. директор, чиј мандат или е истечен или деновиве завршува.

-Понатаму тоа е одлука на Владата, рече Петровска.

Дали политиката наместо резултатите ќе одлучува за нејзиното место?

Мирослав Богдановски останува пратеник кој ќе делува во рамките на коалицијата. Многу веројатно и како независен пратеник.Со претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, негова колешка од Собранието, како што вели, веќе подолго време не комуницира.

-Како да се делува во партија каде нема демократија?! Штом вака им се направи на потпретседатели, што да се каже за останатите, изјави Богдановски.

Богдановски е дел од кревкото вледејачко мнозинство. По ваквите настани во ДОМ, од СДСМ соопштуваат дека имаат стабилно мнозинство.

Партијата ДОМ по овие случувања соопшти дека е демократска партија во која се почитува мислењето на секој член кој ги негува зелените вредности.

-Во духот на демократијата и транспарентноста Централниот одбор ја разгледа нелигитимната иницијатива за одржување вонреден конгрес на ДОМ. Мнозинството членови на Централниот одбор едногласно ја отфрли иницијативата, со образложение дека нема потреба од одржување на вонреден конгрес. Членовите истакнаа дека сега фокусот на ДОМ треба да биде подготовка за претстојните локални избори, а не задоволување на лични интереси на поединци. Со мнозинство гласови, членовите на ЦО изгласаа недоверба кон: Ана Петровска  и Мирослав Богдановски на функциите потпретседатели и членови на Извршен одбор на ДОМ, и Јасмина Пакашки на функцијата член на ИО на ДОМ, стои во соопштението од партијата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.