ММС

Објавено на: 05/17/21 10:42 AM

Дојран изби на прво место без ниту еден случај на заболен од корона

Со опаѓање на бројот на новозаразени и раст на бројот на оздравени и вакцинирани граѓани, во регионот кој со својата надлежност го опфаќа општата болница во Гевгелија, токму Дојран деновиве изби на првото место како општина во која неколку дена по ред не е регистриран ниту еден нов случај.

Пред официјалниот почеток на летото, ваквата поволна здравствена прогноза секако им се најде во прилог на локалните власти за пречек на туристите во новата летна сезона, а поголем оптимизам се почувствува и кај самите жители, посебно повозрасните со посериозни здравствени проблеми, кои беа принудени на огромни ограничувања како превенција за да го заштитат својот живот.

Еден таков пример е и наша сограѓанка од Нов Дојран, која даде охрабрувачко резиме на целокупната ситуација од почетокот на кризата со новиот коронавирус, низ призма на нејзиното секојдневие.

– Корона како корона, сите викаат треба да се чуваме, не знаеме колку ќе трае, не знаеме како се лечи. Ги слушаме секојдневно професорите на телевизорите, ни кажуваат вака правете онака не правете. Вакцините биле толку квалитетни, или неквалитетни, ни кажуваат треба самите да се чувате. Сега слушаме дека вакцини веќе идат, да видиме и тие што ќе ни помогнат. Воопшто како граѓанин велам – научи се со тоа да живееш, биди позитивен, мисли позитивно и позитивно ќе те снајде – го сподели своето лично мислење за короната жителка на Дојран.

Во последниот бран од нападот на короната, токму Гевгелија, како помала општина, заедно со регионот кој го држи, се најде на удар со драстичното зголемување на нови случаи. Гевгелискиот кризен штаб, тогаш прв побара воведување на полициски час и зајакнување на мерките за борба против болеста, поради оптовареност на здравствените капацитети, за по само неколку дена државата да реши и да го врати полицискиот час на целата територија на земјава.

Во моментот на сила се уште е полициски час, но со намалено времетраење од полноќ до 4 часот наутро, а неговата важност е до утре кога треба да се донесе нова одлука.

 

Роза Шулева


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.