ММС

Објавено на: 05/14/21 11:11 AM

Можно е помладите сепак да почекаат за термин – изјави Филипче, иако најави дека сите пријавени за вакцина до крајот на април, ќе добијат термин до 15-ти мај

Близу 40 илјади дози од вакцината на АстраЗенека треба да пристигнат денеска во земјава преку Ковакс механизмот. Во текот на утрешниот ден се очекуваат 100 илјади вакцини од производителот Синофарм и тие ќе бидат донација од Армијата на Кина. Ова го најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче кој вели дека акцентот за вакцинација и понатаму се става на постарите граѓани.

„Дополнително пријавени после пресекот на 30-ти април кога беа пријавени околу 140 илјади граѓани вкупно, сега се околу 160 илјади. Околу 9000 од овие дополнително пријавени се граѓани над 70 години и со нивниот опфат околу 42 проценти од вкупното наше население ќе бидат вакцинирани и тоа е еден добар резултат“, посочи министерот во денешната изјава за медиумите.

Засега нема промена на ставот во врска со тоа дека вакцината на АстраЗенека може да ја примат само повозрасните граѓани.

„Ќе стигнат близу 40 илјади дози, од кои 24 илјади ќе бидат за ревакцинација.  Оваа вакцина ќе ја примат 10 илјади граѓани кои веќе се пријавиле и се над 70 години“, појасни министерот.

Неодамна тој истакна дека сите кои се пријавиле на vakcinacija.mk до 30-ти април ќе добијат термин за вакцинирање до 15-ти мај. Со оглед на тоа дека ваквиот „рок“ истекува утре, тој беше прашан дали останува на истиот став. Сепак, Филипче наведе дека можно е помладите малку да почекаат за термин.

„Сега ставаме малку акцент и на новопријавени граѓани над 70 години со цел да се заштити таа најкритичната категорија граѓани. Можно е помладите сепак да почекаат, затоа што сметаме дека приоритет за заштита имаат постарите грааѓни. Апелирам сите да се пријават на сајтот вакцинација.мк“, додаде Филипче.

Според него, во некои општини се вакцинирале и помлади граѓани, бидејќи немало пријавени над 70 години.

„Во некои општини беа пријавени помалку постари граѓани и таму некои помлади добија побргу термин, отколку постарите во другите градови. На почетокот на оваа недела одлучивме дека таа граница ќе биде 40 години и помладите ќе почекаат. Со новопријавените ставаме акцент на постарите“, изјави тој денеска.

Министерот потсети и дека дел од луѓето се вакцинираат врз основа на тоа дали работат во институции кои се дел од таканаречената критична инфраструктура, па затоа иако не влегуваат во ризичната група според возраста, тие се  повикани согласно Националната стратегија.

За разлика од некои други држави каде вакцинираните се ослободени од обврската за носење маска на отворено, Филипче вели дека засега такво нешто не е предвидено кај нас.

„На состанкот кој ќе се одржи в понеделник, таа тема ќе продолжи. Да ги видиме сознанијата од другите земји, да согледаме каква е ситуацијата кај нас. Многу граѓани во парковите не се придржуваат до таа мерка. Сметам дека е се’ уште рано, треба да има поголем опфат со вакцинација, но истовремено мерката треба да има и логика“, додаде Филипче.

Тој оцени дека роцесот на имунизација прилично добро се одвива на територијата на цела држава и во пунктовите за масовна вакцинација и во здравствените домови. Околу 150 илјади граѓани веќе се вакцинирани, а од нив 30 илјади се и ревакцинирани.

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.