ММС

Објавено на: 05/14/21 7:13 PM

Го оперираа 12 часа, а јас сама чекав пред сала и се чувствував ужасно – Како е малиот Лука кој целата јавност го испрати за Италија со желби за здравје

Специјален медицински тим од Институтот „Џанина Џаслини” од Џенова – Италија изврши транспорт на дете со сложена клиничка слика од Универзитетската клиника за детски болести – Скопје во болницата во Италија. Оваа вест која беше објавена кон крајот на минатата година го привлече вниманието на македонската јавност.

Целиот медицински тим од одделението за интензивна нега и лекување и од одделението за гастроентеропатија и онколошкото одделение го подготвија малиот јунак за нов животен предизвик. Додека граѓаните „стискаа палци“ за поскоро опоравување, патувањето до Италија за мајката на малиот, а голем борец, траело како цела вечност.

Фото: Детска клиника

По заминувањето тој саботен декемврски ден, младата мајка Надица Ристова се нема вратено овде. Лекувањето во Италија се’ уште трае и таа таму  му се радува на секој момент поминат со синчето, иако бројните предизвици и понатаму се присутни.

Македонски медиа сервис разговараше со Надица за тоа како се снаоѓаат во Италија со нејзиниот сопруг Стефан, кој таму замина малку подоцна од неа.

Таа гордо споделува детали за растењето и за насмевките на Лука, за надежта, за бескрајната родителска љубов.

„Во моментот на заминување Лука беше со доста тешка клиничка слика, респиратор и видно зголемена туморна маса. Предизвици…ох, многу се на број. Неизвесноста си го правеше своето. Лекување во Италија беше потребно поради тоа што во Македонија сѐ уште не се извршува таква тешка операција каква ни беше неопходна“, објаснува Надица.

Лука е роден со само 720 грама во 29-та гестациска недела, но со раст кој одговарал на 25-та гестациска недела. По вкупно 67 дена поминати во болница, младите родители си го зеле синчето дома.

Лука е роден со микроцефалија и глувост, по што е дијагностициран и тумор на црниот дроб. Токму поради туморот, како што и тогаш раскажа д-р Софијанова за ММС, Лука мораше да го продолжи лекувањето во Италија со цел да се извади делот зафатен со туморот, а да се трансплантира нов дел.

Операцијата при која била извршена трансплантацијата траела дури 12 часа. Како се чувствувала во тој момент, Надица вели дека не може да долови со зборови.

„Операцијата е направена пред скоро два месеца. Како се чувствував не можам да  доловам со зборови, сопругот сѐ уште не беше покрај нас, седењето и чекањето сама пред операциона сала е ужасно. Во еден момент чувство на среќа затоа што детето ти го спасуваат, во друг момент страв и неизвесност за она што се случува зад затворените врати“, раскажува мајката на Лука за Македонски медиа сервис. Сепак, таа додава дека опоравувањето на детето одело многу брзо.

„Првиот пат кога го фатив во раце ме обзеде бура од емоции. Толку мало дете, а толку силно, на моменти не бев свесна за сѐ она што се случи. Лука имаше многу брзо опоравување по трансплантацијата. Веќе вториот ден ми се јавија да одам кај него затоа што почнал да лази по креветчето. За три дена поминати на интензивна, постинтензивна нега  го симнаа на одделение“, посочува Надица.

Вели дека особено и’ биле тешки моментите по пристигнувањето во Италија, бидејќи морала да помине 14 дена во карантин.

„Кога ми се враќаат сеќавањата се чудам колку сила сум имала во тие моменти. Со само 23 години поминував период на онкологија, интензивна нега и транспорт во туѓа држава, а не знам јазик. Во тие моменти не размислував воопшто, се чувствував силна и надежна, гледав да направиме сѐ само да се спаси моето мало црвче“, искрена е Надица.

Дополнително тешко и’ паднала шестмесечната разделба со сопругот.

„Моментот кога дојде сопругот го доживеавме доста емотивно. Бевме разделени  и таквиот предизвик го поминавме најдобро што можевме.Тој ми е најголема поддршка, кога пристигна се симна целиот товар, стравот кој го носев на свој грб, нормално кога се двајцата родители пристуни е многу полесно“, вели Надица.

Тричленото семејство во моментот живее во Бергамо, каде всушност и се наоѓа болницата во која е направена операцијата. Сместени се во стан обезбеден од асоцијации кои нудат поддршка за семејства чии деца се на лекување во тамошната локална болница.

„Овде функционираме како едно големо семејство, огромна поддршка сме едни на други. Запознавме прилично голем број на фамилии од Србија, но ниту една од Македонија.  Со душа чекам сѐ ова да заврши и да се вратиме, да бидеме со нашите семејства. Овде сме веќе 5 месеци, не сме се вратиле воопшто во Македонија, лекувањето на Лука не го дозволува тоа“, посочува Надица објаснувајќи дека лекувањето генерално се состои од хемотерапии.

„Има примено 15 хемотерапии, првата не ја поднесе најдобро, но другите беа солидни. Пред некој ден нѐ израдуваа дека моментално немаат во план да се продолжи со понатамошна доза на хемотерапии, но сѐ зависи од резултатите кои ги добиваме на контролите“, вели оптимистички младата мајка.

Поголемиот престој досега во Италија го поминале во болница, но за среќа состојбата на Лука сега е стабилна, па го носат само за да прима хемотерапија.

По примањето остануваат таму уште неколку дена и се враќаат во својот нов привремен дом до следната терапија.

Во меѓувреме, Лука според зборовите на мајка му, воопшто не се воздржува да го покаже својот темперамент. Ги „освојува“ природните италијански убавини и како што вели Надица, кај него нема пауза ни од две минути.

„Максимално го искористува секој нов ден. Борбен, храбар и секогаш со насмевка. Обожува книги, едукативни игри и време поминато во природа. Кога не сме во болница одиме во паркови каде што може слободно да игра и да ја истражува околината. Не зборува, има проблем со слухот кој се надевам дека наскоро ќе го решиме, но затоа учиме знаковен јазик и засега тоа добро му оди“, додава таа.

Враќањето во Македонија засега е незивесно. Надица се надева дека со најубавото годишно време кое претстои ќе дојде и можноста за враќање овде, каде ќе уживаат со сите роднини, кои со нетрпение очекуваат да го видат насмеаниот мал убавец.

 

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.