ММС

Објавено на: 05/14/21 10:00 AM

(Видео) Како изгледа ајвар, шопска, бурек и ракија на кинески – Симона Спиркоска преку видеа ги зближува кинеската и македонската култура

Симона Спиркоска е филолог по кинески јазик и магистер по меѓународна трговија која десет години студирала и работела во Пекинг, а сега е актуелна со нејзините кратки видеа на социјалните мрежи преку кои ја промовира македонската храна, традиција и култура на кинески јазик.

Симона потекнува од Прилеп, но во последната година живее и работи во Скопје и држи часови по кинески јазик во приватно училиште и на Институтот Конфучие. За ММС го раскажа своето искуство од периодот поминат во Кина и како дошла до идеја да прави видеа на кинески јазик наменети за нејзините пријатели на далечниот Исток, а во кои ја промовира македонската култура.

„Идејата за видеа на кинески јазик ми се роди откако се вратив од Кина, токму на почетокот на пандемијата во 2020 година. Во период на рестриктивни мерки и забрането движење поради пандемијата, јас решив да направам нешто ново и на моите пријатели на кинеските социјални мрежи WeChat и Sina Weibo, но видов набрзо дека дека овие видеа може да ги искористам на социјалните мрежи кои ги користиме ние, односно да ја презентирам и кинеската култура кај нас – истакна Симона за ММС.

Таа сакала на Кинезите да им ги пренесе македонските убавини, нашите обичаи и култура.

„ Во Кина слушнале за Македонија, но таа ги асоцира на Југославија и на Тито. Моите колеги во Пекинг имаат пробано ајвар, шопска салата, бурек, ракија и македонско црвено вино. Некои од нив биле во Македонија и имаат само позитивни коментари за нашите убавини, а оние што не биле, се распрашуваат за нашиот Охрид и изразија интерес за селскиот туризам.

Кинезите не ги интересираат урбаните средини, тоа го имаат и таму. Тие ги сакаат основните убавини на животот“, вели Симона која на следбениците во Македонија сака да им ја доближи кинеската култура и да им покаже дека кинескиот јазик и не е толку тежок како што изгледа.

Приказната на Симона почнала пред повеќе од десет години на Филолошкиот факултет во Скопје каде што студирала италијански јазик, но барала дополнителен предизвик и јазик што ќе ја смири нејзината бунтовна душа. Видела оглас за настава по кинески јазик и решила да се пријави. И било тешко, но била упорна и се враќала на часовите. Професорката и предложила да замине на усовршување на јазикот во Кина.

“По долго размислување решив на 19 годишна возраст да се одвојам во семејството и во септември 2010 година да започнам необична авантура која траеше десет години. При слетувањето во Пекинг, чувствував како да сум на друга планета, како да сум новороденче. За среќа, се запознав со студентка од Мексико која ми стана најдобра другарка и ми помогна да се адаптирам на факултетот на кој покрај мене имаше уште 500 странски студенти“, вели Симона.

За време на студиите, Симона учествувала на фестивали преку кои Кинезите се запознавале со различните култури, а преку практичната настава успеала многу брзо да го совлада кинескиот јазик и да ги научи тамошните обичаи.

„Јас сум благодарна на нивното гостопримство. Кинезите несебично помагаат на секого. Нивната понизност е особона која ги издвојува како нација. Кинезите имаат огромна почит кон постарите, ја почитуваат хиерархијата и од нив научив да бидам дарежлива затоа што обожаваат да подаруваат. Многу се грижат за своето здравје и имаат специфични навики како што е времето за оброк. Тие ручаат во 12 часот, а вечераат во 18 часот. Пијат топла вода или чај и не се љубители на ладни пијалоци“, раскажува Симона која едвај се навикнала да пие топла вода.

Главниот град на Кина, Пекинг е културна престолнина на, можеби, најстарата светска цивилизација.

„Секој Кинез доаѓа да го посети Пекинг поради уметноста и историјата. Тианмен плоштадот и неговата околина заедно со кинескиот ѕид и Забранетиот град се срцето на автентична Кина, таму може да се искуси историјата и традицијата. Пред градежната револуција со деловни центри и згради, Пекинг беше релаксиран и полн со улична забава и фестивали. Имаше улици со храна во кои може да се проба најбизарна храна, како што се нозе од кокошка на скара, шкорпии, шепа од прасе за која велат дека е специјалитет за убавина“, вели Симона која на почетокот на својот студиски престој доживеала необично искуство при едно патување преку кое подобро го запознала кинескиот јазик.

„Посетивме другарка во градот Хајкоу кој се наоѓа на најјужната точка во Кина, на островот Хајнаи пред кинеска нова година. За првпат видов и луѓе со црвени заби кои станале зависни од џвакање арека ореви завиткани во листови од растението бетел“.

Според Симона, кинескиот јазик не е тежок како што сите си замислуваат, само е поразличен поради специфичните знаци или симболи кои се пиктофонетски и означуваат и значење и фонетика. Ни треба време да се навикне нашиот слух на јазикот кој има пет тонови. Еден збор може да го сочинува еден знак, но и два до три знаци. За секојдневна комуникација се потребни околу 3.000 знаци, а до ова ниво се стигнува за две години со континуирано учење. Јас се уште го учам јазикот и секоја година дознавам нешто ново. Олеснителна околност за моите ученици е што кинескиот јазик има најлесна граматика“, потенцираше Симона и додаде дека со нејзините дела сака да ги доближи двете култури.

Таа вели дека има два дома, едниот е Македонија, другиот е Кина и затоа има чувство како да живее во два различни света.

 

Орце Костов

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.