ММС

Објавено на: 05/12/21 10:00 AM

И ние сме луѓе, знаеме да се расплачеме – Со сестра Габриела Темелковска од Инфективна по повод Денот на медицинските сестри

Девет дена пред да наврши една година од првиот регистриран случај на коронавирус во земјава, почна вакцинацијата. Очите на јавноста беа вперени во двете вработени на Инфективната клиника со кои почна имунизацијата во Македонија, д-р Добринка Наунова Јовановска и главната сестра Габриела Темелковска.

Тие ја примија првата доза од вакцината на Фајзер, давајќи личен пример дека за справувањето со пандемијата е потребна колективна, а не само идвидуална свест.  Кога ќе се наврати на тој февруарски ден кога со своето вакцинирање го привлече вниманието на медиумите, сестра Габриела на шега вели дека застанувањето пред камера и е најголемиот стрес во животот. Зошто всушност таа ја одбрала професијата медицинска сестра, какво жртвување носи и пред какви предизвици ја исправила пандемијата, се само дел од прашањата за кои разговараме со Темелковска. Таа неслучајно е наш соговорник, бидејќи 12-ти Мај е Интернационален ден на медицинските сестри.

Фото: zdravstvo.gov.mk

Габриела Темелковска има 44 години и над две децении го работи она за кое учела од своите учебници уште од 15-годишна возраст. Завршила средно медицинско училиште и веднаш по матурирањето се вработила на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Оваа јавно-здравствена установа е нејзин втор дом, а за колегите вели дека и’ се како семејство. Професијата е макотрпна, но желбата да им се помогне на болните е како ветер во грб.

„Целиот работен век сум овде, а веќе неколку месеци сум и главна сестра. Медицинската сестра треба да биде доверлива личност, тимски работник и голем хуманитарец. Хуманоста не се учи, со неа се раѓаш. Затоа оваа професија не може да ја работи секој“, го почнува Габриела разговорот за ММС.

Габриела и колегите пред почетокот на пандемијата со ковид-19

Вели дека голем дел од времето го поминува со колегите, па тие и’ се како второ семејство.

„Нашата професија бара жртва, ние работиме и на празници и за време на викенди.  Понекогаш ќе се случи да договориме семејно патување па да го одложиме поради мојата работа, но сите имаат разбирање“, вели оваа медицинска сестра која е мајка на 14-годишно девојче и на 20-годишно момче.

Таа ни сподели дека пред да почне пандемијата со колешките често знаеле да се дружат надвор од работното место, па и да прошетаат негде. Последната прошетка им била на Маврово, а додека да се создадат услови за такви групирања како пред вирусот, Габриела и останатите од Клиниката деноноќно се грижат за големиот број пациенти со ковид-19.

„Јас како главна сестра пациентите ги поминувам по спратови, особено потешките случаи. Ги тешам, знам да поразговарам со нив, им давам волја бидејќи се исплашени и така се приврзуваме. Во нашата професија се соочуваме со болни приказни па тоа секако допира до нас. И ние сме луѓе, знаеме да се расплачеме, но кога оздравениот пациент ќе го пуштиме да си оди дома тоа не’ успокојува“, раксажува нашата соговорничка.

Во досегашното дваесет и четиригодишно искуство видела и добро и лошо. Она што го издвојува како убав момент, е сликата за еден повозрасен брачен пар.

„Нема да заборавам како еден дедо од осумдесетина години си ја чекаше сопругата пред Клиниката. Кога колешките ја изнесоа надвор со количка таа стана и си се прегрнаа па заминаа во својот дом. Навистина тоа ми беше при срце, беа слатки и полни со љубов“, споделува Габриела.

Кога почнала пандемијата почнале и непроспиените ноќи. Вели дека се уште има такви. Смените траат и по 12 часа,  но Габриела е на повик. Ни раскажа дека цело време е достапна и дека е на готовс секогаш која ќе ја повикаат.

Стравот од зараза минатата година, направил оваа жена да биде разделена со своите деца цели шест месеци затоа што според неа, разделбата била најдобриот начин за да ги заштити синот и ќерката.

„Кога почна пандемијата јас веднаш се изолирав од семејството и на 10-ти март кога беше одлучено да се затворат училиштата ги спакував децата и ги пратив во Преспа. Одев на работа и работев со полна пареа. Кога доаѓав дома ги мислев, онлајн пиевме кафе во попладневните или вечерните часови. Ни беше тешко, но тоа беше за нивно добро. Моите деца се големи и ја сфатија сериозноста на ситуацијата“, посочува Габриела. Кога конечно се виделе во живо се прегрнале, но со маски.

Според неа, работата на Клиниката за инфективни болести секогаш е динамична и интензивна, но сега поради пандемијата е зголемено нивото на заштита.

„Имавме страв дали правилно ќе ја облечеме и соблечеме заштитната опрема, не знаевме колку долго ќе трае оваа пандемија. За среќа досега не се заразив. Во овој период од над една година Министерството за здравство многу пати апелираше на почитување на препораките и протоколите, значи тоа не се кажува туку-така“, смета Габриела која без размислување се согласила да се вакцинира.

„И во 2009 се случуваше истото кога имаше свински грип, ние први се вакциниравме. Ние не размислувавме да не се вакцинираме. Имав благи реакции како и сите колеги, но ништо драматично. Вакцинацијата ми го намали притисокот, ми делуваше психолошки. Не дека се опуштив, си ја користам заштитната опрема, но сум поспокојна“, додава таа.

Сестра Габриела ни сподели дека имаат хронични пациенти, кои со години доаѓаат на Клиниката. Тие и’ се најдраги, и’ се јавуваат, ја поздравуваат ако некаде случајно ја сретнат.  Вели дека бараат совети по телефон, па ги интересира и што да направат најитно во случај да се заразат. Таа додава и дека бележат позитивни примери на пациенти кои се лекувале на Инфективната клиника, а претходно имале други коморбидитети, но оздравеле и се вратиле назад кај семејството.

„Имаме пациенти со други хронични болести кои завршиле со добар исход. Се’ е индивидуално. Додека не се излечи пациентот не се отпушта од болница. Работата когa се сака не е тешка. E напорно, бара повеќе ангажман како физички така и психички, но јас имам прекрасен тим“, уверува Темелковска.

Високата медицинска школа ја завршила на Универзитетот „Гоце Делчев“, откако децата биле родени. Студирањето било вистински предизвик за мајка на деца, вработена во главниот град, а запишана на студии во Штип. Сепак смета дека трудот се исплател.

По нејзините стапки наскоро ќе тргне и нејзината ќерка, додека синот одбрал да студира нешто сосема друго.

Поддршката и разбирањето во оваа професија се од клучно значење, бидејќи медицинските сестри се алката меѓу пациентите и лекарите – вели Габриела. Додека се очекува создавањето колективен имунитет, таа и нејзините колешки заедно чепкаат по спомените од, не така одамнешните, патувања и дружби.

Беше прекрасно и се’ уште си ги спомнуваме тие моменти па се надеваме дека пак ќе реализираме – вели со блага носталгија, сестра Габриела.

По повод Денот на медицинските сестри таа и колешките исто така знаеле да организираат дружби, но веќе втора година по ред тоа не се случува. На луѓето кои се уште не веруваат дека коронавирусот постои, таа им порачува дека овој вирус и понатаму е секојдневие и за да стивне, потребно е сите да бидат претпазливи.

-Имаме добри прогнози за пандемијата, а населението треба да се вакцинира за да се стекне колективен имунитет. Претходниот начин на живот ми недостасува, но се надевам дека ќе почнеме да функционираме нормално и дека ќе излеземе од ова зло. Медицинските сестри за мене се хероите од секојдневието. Овој ден, овој празник им го честитам на сите кои ја одбрале оваа професија ширум целиот свет, затоа што досега издржаа херојски – заклучува сестра Габриела Темелковска.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.