ММС

Објавено на: 05/11/21 9:34 AM

Преку личен пример да придонесеме за побезбеден сообраќај – апел од РСБСП по повод Денот на културата во сообраќајот

Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување на вештини и умеење да се управува со возило, туку истовремено претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Со други зборови, сообраќајната култура претставува начин на перцепирање на односите во сообраќајот, начин на движење и однесување во сообраќајот кој треба да биде во насока на исполнување на општите и заеднички интереси на сите учесници во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на сообраќајот – се наведува во денешното соопштение од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Оттаму наведуваат од 2015-та година денешниот ден се одбележува како Ден на културата во сообраќајот. Според РСБСП, семејството и воспитно-образовните институции имаат важна улога во развивањето на сообраќајната култура на децата.

Односот на родителот во сообраќајот, без разлика дали е во улога на пешак или возач на возило во кое се вози и детето, како и почитувањето на сообраќајните правила од страна на возрасните, има големо влијание во развивање на сообраќајната култура на детето како учесник во сообраќајот. Бидете позитивен пример за децата во сообраќајот и на тој начин заштитете ги децата од повреди и загуби во сообраќајот, сега и во иднина – апелираат од Советот.

Карактеристично во Рпублика Северна Македонија е тоа што најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но за жал речиси сите ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а истовремено заборавајки дека сообраќајот е сложен систем, мозаик во кој сите ние партиципираме – се вели во денешното соопштение.

Последиците од сообраќајните незгоди се премногу сериозни и наша заедничка обврска, општ и заеднички интерес на сите граѓани, е да се издигне сообраќајната култура на повисоко ниво. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата.

Сообраќајна култура значи да се однесувате во сообраќајот водени од мотото дека:

• Секој има право да се движи безбедно во сообраќајот и секој има обврска да
придонесува за подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
• Сообраќајните правила и прописи важат за сите и сите се должни максимално, целосно
и безусловно да ги почитуваат.
• Сообраќајните правила и прописи постојат за да не заштитат сите нас.
• Децата се нашето богатство, децата се наша иднина! Да ги зачуваме децата од повреди и загуби во сообраќајот!

По повод 11-ти Мај- Ден на културата во сообраќајот, РСБСП со апел: „Да ја унапредиме културата во сообраќајот, да ги промениме лошите навики во сообраќајот почнувајки секој од самиот себе и преку личен пример и позитивен придонес да дадеме поддршка за побезбеден сообраќај. Бидете внимателни, одговорни, културни и толерантени учесници во сообраќајот, денес и секој друг ден!


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.