Ќе иницираме надзор за случајот со починатата пациентка, вели министерот Филипче
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/10/21 2:10 PM

Ќе иницираме надзор за случајот со починатата пациентка, вели министерот Филипче

Преку Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе биде спроведен надзор за случајот со пациентката која, според објавите на социјалните мрежи, починала на Клиниката за гинекологија и акушерство – најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

„Ќе иницираме соодветен надзор преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а доколку е потребно, и стручен надзор“, изјави Филипче.

Од ГАК се огласија преку писмено соопштение во кое наведуваат  дека не се работи за родилка како што тоа е објавено на социјалните мрежи, туку за пациентка која е оперативно третирана. Пациентката, според соопштението од ГАК, починала утрово на КАРИЛ.

– Пациентката е примена на ГАК на 21.04.2021 година со голем тумор на матката и е извршена операција на 22.04., со уреден оперативен тек. Во првите шест дена пациентката е стабилна и е на исхрана преку уста. Шестиот постоперативен ден, поради нагло влошување на состојбата (силна болка), пациентката повторно е подложена на оперативен зафат во присуство на абдоминален хирург заради утврдување на причините за влошување на состојбата. Интраоперативно е најдена спонтана руптура на тенко црево (најверојатно како резултат на претходните болести). Во договор со абдоминален хирург, пациентката е префрлена на Клиниката за дигестивна хирургија. На 11-от ден постоперативно, на Дигестивна хирургија, настанува повторна компликација со цревата најверојатно поради претходните болести и пациентката е повторно оперирана. Постооперативно пациентката е во стабилна состојба и хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија. Утрото на 09.05.2021 година, под сомнение за белодробна тромбоемболија, пациентката итно е префрлена на КАРИЛ, каде починала по многу кратко време – се појаснува во соопштението.

На социјалните мрежи беше објавено дека 33-годишна родилка починала на ГАК откако наместо папочната врвца и’ биле пресечени цревата.

 

Фото: Архива


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7