ММС

Објавено на: 05/7/21 7:21 PM

Не заговарам за преотворање на процесот, туку граѓанско помирување, рече Пендаровски по средбата со Мицкоски

Мојот став е дека ако има нови докази, кои порано не биле познати може да го преотвори процесот, не значи дека заговарам преотворање на процесот. Јас само ја цитирам одредбата од Законот и законската можност, според која тие луѓе преку своите адвокати, по вонреден правен лек, можат да побараат од Врховниот суд да ги оцени новите докази, се разбира, ако такви воопшто постојат. И одлуката дали процесот ќе биде повторен сигурно нема да ја носи некој политички фактор, туку судот, изјави претседателот Стево Пендаровски за случајот „27 април“ по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски што попладнево на барање на опозицискиот лидер се одржа во „Вила Водно“.

Со таа негова теза, потенцираше шефот на државата, не прави ревизија на судската пресуда, бидејќи не гледа причина за тоа зашто е, како што рече, завршена работа и луѓето се во затвор, ниту смета дека пресудата е донесена без докази.

-Само зборувам за обидите за политичко толкување на пресудите, што не придонесува за воспоставување нормална политичка дебата во која нема да се гледаме како смртни непријатели, рече Пендаровски.

На средбата го повторил ставот дека помилување за лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа предвид, затоа што нивната вина во тој процес била неспорно утврдена.

Според Пендаровски, упадот во Собрание било терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а не кривично дело тероризам. Не може и не сака, рече, да оди надвор од судската формулација, но она што него го интересира е граѓанското помирување и неговата улога е да помогне „луѓето да не се гледаат преку нишан“. Затоа што, рече, не постои период од 1990 година до денес во кој сме биле повеќе поделени по сите линии, а за тоа сведочи и што главна вест денеска во државата била средбата меѓу него и опозицискиот лидер.

 – Факт е дека тие лица не беа судени за кривично дело тероризам, туку под друг член за терористичко загрозување на уставниот поредок. Дејствијата со кои може да се изврши тоа кривично дело се слични, запретената казна идентично најмалку десет години. За  27 април, паметите, постои пресуда за група луѓе кои беа дел од истата толпа која влезе во Собранието и го претепа Зијадин Села. Ако се следи правната квалификација на таа пресуда, а не политички интерпретации на пресудите, тие луѓе беа судени, со право добија високи казни, но не беа судени за кривично дело тероризам, туку за убиство во обид. Или, на пример, случајот со напаѓачот на пратеничката тогаш Радмила Шекеринска. Тие сцени кои не шокираа нас и светот, кој беше исто така дел од луѓето кои влегоа во Парламентот, и кој не беше суден за тероризам, туку за кривично дело насилство. Значи, накусо, да се разбереме, сите овие споменати направија страшни кривични дела. Оставија тешки последици и трауми и кај нападнатите и кај нивните семејства. Добија заслужени казни, казни според она што го знаеме од претходните процедури кои завршија и тука нема компромис. Меѓутоа политичката реторика, во која и тогаш и денес тие пресуди беа врамувани, објаснувани, интерпетирани, според мене дополнтелно го продлабочува јазот меѓу граѓаните. Според едната група, според едното образложение, тие се терористи од рангот Ал Каеда, ИСИС, а според другата се уставобранители иако се судени за загрозување на уставниот поредок, рече Пендаровски.

Неговата теза е, рече, дека ако продолжиме со вака крајно спротивставена политичка реторика, „ние не само што  нема да дојдеме до национално или граѓасконо помирување, туку нема да можеме да воспоставиме базична политичка комуникација меѓу нас како што за жал е сега ситуацијата“.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.