ММС

Објавено на: 05/7/21 8:02 PM

Срамота е, од жива мртва ме направија – Драгица Панова од Штип со месеци не може да докаже дека дише

Јазол од очај, тага и револт е испреплетен меѓу ѕидовите на трошната куќа на „Железничка“ број 23 во приградскиот дел на Штип. Таму едвај крај со крај врзува Драгица Панова (64) која на државните институции со месеци им докажува дека е жива.

Колку е осамен овој живот меѓу четири ѕида никој не може да замисли.

„Толку ми е тешко, тешко тешко“,  вели со солзи во очите оваа штипјанка.

Веќе неколку месеци таа живее од позајмици од своите блиски, без можност да добие пензија и покрај тоа што во текот на целиот свој работен век била вредна текстилна работничка. Шеесет и четиригодишната жена мака мачи да им докаже на институциите дека е жива, а не почината, како што се води во системот. Драгица го загубила сопругот на четврти јануари годинава, а тоа е и денот, од кога таа не постои за македонските институции.

„Во јануари ми стигна пензијата за декември, а си имав и малку паричка тргнато на страна. Помина јануари, помина и февруари. Отидов во март да си ја подигнам пензијата, кога гледам малку пари. Гледам дека всушност нема пензија“, раскажува Драгица.

Кога забележала дека не и’ била исплатена пензијата отишла во банка за да земе извештај за тековната состојба на нејзината сметка. Така констатирала дека од јануари таа нема прилив на средства. Штипјанката повторно отишла во банка, замолувајќи да и’ објаснат што се случува, бидејќи таа не разбира. Вработената во банката и’ кажала дека од јануари таа не зема пензија и ја упатила во Фондот за ПИОМ.

-Отидов во Фондот и им го кажав мојот случај, им објаснив дека мажот ми почина во јануари, а не јас. Ме прашаа дали сум поднела документи за да ја земам неговата пензија и им кажав дека не сум поднела ништо, дека си ја сакам својата пензија. Им дадов лична карта и се стаписав кога ми рекоа: „Еее, па ти се водиш како умрена“ – објаснува Драгица.

Вработените во Фондот потоа и’ рекле дека слободно може да си оди дома и дека грешката ќе биде поправена. Иако ова ветувало наѕирање на крајот на проблемот, талкањето низ институционалните лавиринти не застанало овде. Драгица извадила потврда за живот и со личната карта се упатила во Фондот, каде повторно и’ соопштиле дека се води како почината. По ова, таа потпишала изјава за живот, но освен ветување дека случајот ќе се реши, засега нема добиено ништо друго.

Во својата, и онака трошна куќа, сместена во приградскиот дел на Штип, Драгица живее од ден за ден со парите кои ги добива од своите познаници.

„Срамота е четири месеци да сум без пари. И Велигден дојде, сакав да вапцам јајца, да однесам на гробишта, но животот ми стана мизерија“, додава Драгица со измешани чувства на тага и револт.

Работниот век го поминала над машината за шиење, прво во „Македонка“, а потоа во приватна конфекција. Судбината на оваа жена прерано си поиграла со неа, оставајќи ја без најмилото, без нејзината ќерка.

„Тринаесет години живеам беа мојата ќерка, која ја изгубив кога таа беше на 26-годишна возраст. Почина од мозочен удар во Франција, каде беше мажена. Немам од неа внучиња, но имам од брат ми. На нив се радувам, а немав ништо да им дадам за празникот“, додава Драгица со растреперен глас.

Откако починала нејзината Габриела, животот за неа и за нејзиниот сопруг веќе не бил ист.

„Не е тој живот што беше, ама ајде си викаш двајца сме, ќе се тешиме. Ќе се скријам, па ќе плачам. Сопругот ме караше, не ми даваше да плачам. Ама сега  откако тој си почина лом станав“, искрена е штипјанката.

Вели дека дури и да земе пензија, кога ќе го врати позајменото, пак ништо нема да и остане. Надлежните ја исконтактирале и и’ рекле дека ќе и’ префрлат одредена парична сума, но не се знае дали тоа ќе биде една пензија или пак сите пензии ќе и’ бидат исплатени ретроактивно. Таа прифаќа и хуманитарна помош од своите сограѓани, но вели дека нема шанси правдата да ја бара на суд.

Испраќајќи не’, таа порача дека на сите луѓе им посакува Господ убавини да им даде и како што вели „да јадат од златни лажици“.

-Народот е оставен на просјачки стап, а мене ми е болно да гледам луѓе со тешки судбини. Толку ми е жал што не можам да издржам – вели Драгица Панова која се’ уште дише со надеж дека институциите ќе си ја поправат својата грешка, а таа ќе го добие она што и’ следува.

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.