ММС

Објавено на: 05/7/21 8:25 PM

Маичките на Заев и Филипче направија ‘ршум по пазарите

Маичките со кои се вакцинираа вчера премиерот Зоран Заев, а денес министерот за здравство, Венко Филипче, направија ‘ршум по пазарите во Скопје.

Граѓаните укажуваа дека нивната цена од вчера, односно од утрово дупло се зголемила, токму затоа што ги носеле премиерот и министерот.

За да се увери во тоа ММС го посети Зелено пазарче, особено тезгите каде се продава машка долна облека.

„Повелете маичка Заев“, „Маичката на Филипче“ велеа продавачите, кои веќе имаа испишано рекламни натписи.

На прашањето на ММС колку дали многу ги бараат, колку чинеле и колку се сега продаваат продавачите ни одговорија:

-Маичката како што носеше Заев беше 250 денари, но сега цената е поголема за 100, 150, па и 200 денари, во зависност од муштериите, колку тие се ценкаат, ни рече една од продавачките.

За маичката на Филипче, пак, велат дека од утрово почнале муштериите да прашуваат и дека не можат да кажат конкретно колку ќе е поскапена, бидејќи ги начекале неспремни.

-Маицата како на Филипче чинеше 200 денари, но можно е за уште толку повеќе да се продава. Ако е за вас ајде и ќе попуштиме, рече продавачот.

Но, не се само пазарите опседнати со маичките на премиерот и министерот. Од вчера твитерџиите се занимаваат со долната облека на  Заев, односно колку чини неговата маичка, а се прават и разни комбинации и монтажи со неговата маичка, па се ставаат апликации со Бојко Борисов, Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ….

ММС побара одговор и од премиерот Заев и од министерот Филипче за тоа од кој моден бренд носат маички и колку чинат. Од кабинетот на Заев ни рекоа дека поважно било тоа што премиерот се вакцинирал, отколку каква маичка носи.

-Сметаме дека од многу поголема важност и од посебен јавен интерес  е исполнувањето  на личната и граѓанска должност на премиерот Заев да се вакцинира и низ овој јавен чин да ги поттикне и охрабри граѓаните на нашата земја да ја прифатат масовната вакцинација за да се создадат услови за целосно справување со пандемијата, ни рекоа од кабинетот на премиерот.

До објавување на текстот од министерот Филипче не добивме одговор, брендот и на неговата маица остана тајна.

Орце Костов/ Весна Миленковска

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.