ММС

Објавено на: 05/7/21 10:07 AM

Лешочкиот манастир зјае – Државата што ќе фати упропастува, реставрацијата започна, но со децении не се довршува

Тажна е сликата во двата објекти, стариот конак и манастирската црква “Св.Богородица“ во склоп на Лешочкиот манастир, кои со години чекаат реставрација. И двата објекти заштитени со закон се оставени на забот  на времето.

На поголемиот дел од стариот конак пред повеќе од две години започнаа подготвителни активности за обвнова и реставрација. Извадени беа прозорците внатрешниот дел. Останаа само дрвените греди и покривот, со надеж дека повторно овој објект ќе го врати некогашниот лик во ново руво. Но конакот се уште стои полуразурнат.

Посетителите реагираат. Велат дека наместо да му дава сјај како некогаш, стариот конак стои разурнат без око да и трепне на државата.

-Лешочкиот манастир во последно време како некогаш стана духовен центар на граѓаните од полошко и пошироко. Природата тука е прекрасна, максимално се користат овие ливади за прошетки и излети. Туку има и манастирски ресторан со прекрасен поглед природа чиста, свеж воздух. Гледаме дека манастирското настојателство се грижи за овој православен центар , но државата некако слабо. Се што започнува го остава, така и со конакот кој мора да се заврши, истакна еден посетител на Лешочкиот манастир.

Во слична состојба се наоѓа и манастирската црква Света Богородица во склоп на Лешочкиот манастир. Фрескоживописот автентичен на овие простори се рони, покривот е во многу лоша состојба, но работите како и кај конакот се започнати, а недовршени.  

Свештеникот Александар Стојановски, вели дека се одобруваат пари за реставрација на овие објекти, но во праска многу малку се работи.

-Досега во манастирската црква Света Богородица се регулирале подземните води под овој свет храм, но друго не е чепнато. Фреските се ронат, подот протекува, мора да се интервенира за да не биде предоцна. Исто и со конакот така, го отворија и го оставија. Ние се грижиме за манастирот, но за овие два објекти не можеме да интервенираме, затоа што едноставно тие се заштитено со закон и не смееме. Од една страна не ни дозволуваат да интервенираме, а од друга страна тие односно институциите не преземаат мерки.

За годинава за манастирската црква ни истакнаа од Заводот за заштита на споменици дека имаат одвоено 500 000 денари , но прашање е дали ќе се работи на терен, или пак тие пари како и порано ќе се пренаменат за друго место, или поточно за некој друг објект. Значи ние се грижиме за манасторот еве изградивме нов конак се тече нормално и со другите работи што е до нас не е проблем, ама се што е започнато од државата оди бавно,  рече свештеникот Александар Стојановски.

Се работи за манастирска црква од 15 век, но сознанијата се дека истата е изградена на уште постари темели од 10 век. Стариот конак пак е специфичен по својата градба и спомен собата на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ каде ја има неговата надгробна плоча која самиот ја изработил. Но и двата објекти се уште чекаат реставрација која државата ја започна, но со години не ја довршува.      

Зоран Димовски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.