ММС

Објавено на: 05/7/21 10:50 AM

За 10 минути ќе почне да цица крв – Како да го спасите миленикот во време на наезда на крлежи

Убавото пролетно време, сонце и малку влажна почва е идеално за зелена и бујна вегетација. Иако за нас луѓето тоа е одличен период за прошетка по зеленило, од друга страна е и опасност, посебно за миленикот (маче, куче) бидејќи во овој период се појавуваат крлежите.

За тоа како да го заштитите вашиот миленик, на што да внимавате при прошетка и како превентива да преземете за заштита, разговаравме до ветеринарната докторка Јасмина Картовска од ветеринарсната амбуланта „Анимал Медика“.

Овие мали ситни непријатели, може да предизвикаат голем број на компликации кај домашните миленици, токму затоа во овој период од годината сопствениците треба да бидат крајно внимателни.

„Крлежите, како што знаеме, се паразити кои, иако мислиме дека се јавуваат сезонски, на нашето подрачје се присутни преку целата година и предизвикуваат повеќе проблеми кај домашните миленици. Првично предивикуваат чешање, иритација на  кожата и нелагодност кај миленичето, но доколку се во поголем број можат да предизвикаат губење на големо количество крв кај миленикот со последична анемија која може да биде животозагрозувачка. Исто така крлежите со својот угриз, преку плунката пренесуваат таканаречени векторски преносливи болести, како на пример Лајмска болест, Ерлихиоза, Анаплазмоза, Бабезиоза и др. Повеќето од овие болести се опасни и за човекот, па затоа превенцијата од овие паразити е клучна за прекинување на синџирот на нивна исхрана и понатамошно ширење на овие болести“, објаснува Д-р Картовска.

Превентивата и заштитата од крлежите најчесто е одржување на вегетацијата каде е тоа возможно, бидејќи во спротивно високата и густа вегетација се погодна почва да се размножат крлежите.

„Погодно место за живеење и размножување на крлежите се високи треви, грмушки и предели каде што има добра влажност, соодветна температура и достапност на крлежот до “домаќинот“ од кој што се храни. Земајќи го ова во предвид главна превенција од крлежите е уништување на нивното место на живеење механички, преку косење на високи треви и одржување на вегетацијата каде што тоа е возможно (дворишта, паркови и сл.), а доколку се љубител на прошетки во природа, тогаш треба да се земат во предвид примена на репеленти и инсектициди (хемиски супстанции за одбивање и уништување на инсектите)“, вели Д-р Картовска.

Физички не може да се исконтролира инвазијата на крлежите врз миленикот, но сепак како грижлив сопственик можете да вршите редовна проверка на крзното и кожата по секоја прошетка, вака советува Д-р Картовска како преветива за вашиот миленик.

„Зависно од развојниот стадиум, на крлежот му е потребно од 10 минути, па и до 2 часа да си најдат погодно место за хранење на телото од миленикот. Овие лутачи лесно ќе ги забележите при расчешлување на крзното после секоја прошетка, со што ќе спречите “закачување“ на крлежот за кожата. Оние кои веќе се закачиле, најчесто тоа го прават на места каде што кожата е најтенка и со најголем сплет на крвни садови. Затоа проверките правете ги околу ушите и муцката, на стомакот, препоните, околу опшката и помеѓу прстите на шепите. Од ветеринарно медицински препарати за заштита од овие паразити, кај нас достапни се повеќе видови медикаменти кои доаѓаат во форма на течност која се нанесува на кожата (spot-on), околувратници и таблети со различни активни состојки. Сите имаат свои предности и маани, но се доста ефективни против крлежите и како репеленти и како инсектициди, а можат и да се комбинираат за подобар ефект. За тоа која е најдобрата опција за вас и вашиот миленик, најдобро е да се консултирате со вашиот ветеринарен доктор“, вели Д-р Картовска.

Најчестите симптоми по подолг престој на крлежот во телото на вашиот миленик се чешање, иритација и вознемиреност, но доколку во скоро време не биде отстранет од кожата на миленикот во тој случај шансите се поголеми да заболи од некоја посериозна болест.

„При гризнување, крлежот со својата плунка во кожата на миленикот внесува и секрет кој го отрпнува местото на угриз, па најчесто милениците не се вознемирени во прво време. Колку подолго стои крлежот закачен во кожата, толку повеќе има реакција на кожата околу угризот. Таа отекува, зацрвенува и почнува да предизвикува јадеж кај миленикот. Сето тоа ни изгледа како да крлежот да е вкопан длабоко во кожата, иако тој се држи за кожата со една тенка назабена цевка за хранење. Миленикот може да да е вознемирен, да се чеша, гризе, но најчесто нема никакви промени во нивното однесување. Ненавременото отстранување на крлежот ги зголемува шансите вашиот миленик да заболи од некои од векторки преносливите болести споменати претходно. За некои е доволно крлежот да е закачен само 10-12 часа за да вашиот миленик се зарази. Во тој случај, доколку во наредните 7-28 дена од пронаоѓање на крлежот, забележите омалаксаност, висока температура, одбивање храна, повраќање, дијареа, крварење од носот или било каков друг симптом кај вашиот миленик, без одлагање посетете го вашиот ветеринар“, препорачува Д-р картовска.

Чинот на интервенцијата како сопственици за вадење на крлежот,  е прифатлив од страна ан ветеринарите, но треба да бидете премногу внимателни.

„Секако, доколку крлежот не е закачен на кожата, сопственикот може бесштетно да го отстрани, омами со алкохол и уништи крлежот, но без “пукање“, со цел да не дојдете во контакт со крвта која е во него. Ако крлежот е закачен за кожата, а вашиот миленик е заштитен со некој од ветеринарно медицински препарати против надворешни паразити, и на кожата нема видлив оток и црвенило, тогаш сопственикот самиот може да го отстрани паразитот. Се што треба е со пинцетата да се прифати што поблиску до кожата и со константен притисок постепено да се извлече. На пазарот се достапни пластични и метални куки кои се специјално дизајнирани за отстранување крлежи, а истите може да ги набавите во продавниците за миленици или ветеринарни амбуланти. Доколку местото на угриз е променето, крлежот е добро нахранет, миленикот нема никаква заштита против крлежи, а и сопственикот не се чуствува сигурен во себе за самиот да го отстрани крлежот, тогаш пожелно е да се обратат се до најблискиот ветеринарен доктор за помош“, објаснува Д-р Јасмина Картовска.

Таа вели дека крлежите не се пребирливи во однос на расата на кучињата, па дури и за видот на животното. Па така истиот крлеж може да се храни и од куче и од крава и од човек, што ги прави многу опасни за пренесување на болести.

„Кај долговлакнетите кучиња препорачливо е одржување на крзното, со редовно секојдневно расчешлување и стрижење по потреба (доколку расата дозволува). Тоа не значи дека краткодлаките домашни миленици треба да се занемарат, бидејќи шансите тие да закачат некој крлеж, се исти како и кај долговлакнестите. Со редовно чешлање, посебно после прошетка, драстично ги намалувате шансите за закачување на крлежите, а и внесување на истите во вашиот дом. Сепак заштитата против крлежи не треба да биде само за вашиот миленик, туку и за вас, земајќи во предвид дека болестите кои ги пренесуваат се многу опасни за човекот. Затоа вашето уживање во природа нека биде со облека со светли бои и долги ракави, високи чорапи и редовна проверка на телото после секоја прошетка“, вели Д-р Картовска.

Додека во здравствените домови низ нашата земја луѓето се лекуваат од вирусот Ковид 19,  не се заштитени и ветеринарите, кои исто така спаѓаат во категоријата на здравствени работници. За тоа каква е состојбата во ветеринарните болници, и како ветринарните лекари се штитат  доктор Картовска вели:

„Со коронавирусите, нашата професија одамна се справува, бидејќи во фамилијата на коронавируси постојат неколку родови во кои се вкрстени коронавируси кои напаѓаат различни видови животни. Па така од коронавируси страдаат мачки, кучиња, глувци, свињи и птици. Секако Ковид-19, како актуелен нов вирус, сеуште се изучува во однос на начинот на предизвикување на симптомите и неговата патогенеза кај луѓето, а и неговото влијание врз различните видови животни. Нашата професија е таква што не дозволува индиректна комуникација со нашите клиенти и пациенти, освен при консултации, па така сме изложени на секојдневен ризик при контакт со сопствениците. Иако има промена во работното време, поради полицискиот час, и спроведуваме мерки за заштита против зараза со Ковид-19, нашие работни обврски кон нашите пациенти и клиенти се исти како и пред пандемијата. Секако тука треба да се напомене и дека колегите од нашата професија, освен за грижата на вашите миленици,  се директно вклучени во прехрамбената индустрија (преку грижа за здравјето на стоката, преработката на храна од животинско потекло, инспекциски контроли и сл.) и како професија сме важна алка во јавното здравје. Покрај сето ова, нашата професија сеуште не е ставена на приоритетната листа за имунопрофилакса, иако Ветеринарната Комора на Македонија повеќекратно тоа го побара од Министерството за здравство и Националната техничка работна група за вакцинација против Ковид-19. Поради тоа, а и пријателскиот однос на нашата комора со Ветеринарната Комора на Р.Србија, дел од нашите колеги организирано и успешно се вакцинираа во соседна Србија. Со ова се овозможи олеснување на менталниот товар со кој нашите колеги секојдневно се соочуваат, но сепак мора да разбереме дека вакцината не не прави недопирливи за вирусот, од кој сепак можеме да заболиме, а уште пострашно да го пренесеме на нашите блиски“, вели ветеринарсната докторка Јасмина Картовска.

Габриела Додевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.