ММС

Објавено на: 05/5/21 10:33 AM

Половина од граѓаните кои добиле термин за вакцина, вчера не се јавиле на вакциналните пунктови: Филипче се надева на поголем одзив

Околу 9000 граѓани добиле термин за вакцинација за вчерашниот ден, но само половина од нив се јавиле на вакциналните пунктови. Министерот за здравство, Венко Филипче се надева дека одзивот понатаму нема да биде ваков и најави дека денеска треба да се идентификува каде е проблемот, односно зошто некои граѓани се пријавуваат, а потоа не се јавуваат на закажаниот термин за имунизација против ковид-19.

Тој смета дека нема потреба граѓаните да избираат меѓу вакцините, бидејќи вели, нема контраиндикација за ниту една од нив.

„Сите вакцини се безбедни и засега не дозволуваме избор. Единствено вакцината на АстраЗенека не се дава на сите. Системот одлично функционира и апелирам граѓаните да се пријават за да добијат соодветен термин“, изјави Филипче.

Во однос на метежот кој вчера се создаде пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, министерот истакна дека причина за тоа бил фактот дека некои граѓани подраниле, односно пристигнале на местото за вакцинација пред терминот.

„Во однос на распоредот на пристигнување на вакцините, тој најави дека до крајот на месецов се очекуваат близу 50 илјади дози од вакцината на Фајзер. Околу 15-ти мај, во зависност од транспортот,  очекуваме дополнителна количина на Синофарм. Тие количини ни се донација и ќе бидат доволни за да се надополни системот на вакцинирање така како што е поставен сега“, појасни министерот.

Тој посочи дека со вакцината на Фајзер досега се вакцинирани здравствените работници, бидејќи во моментот кога почна вакцинацијата за нив, тоа беше вакцината која во земјава ја имавме на располагање. Филипче истакна и дека утрово телефонски разговарал со претставничка на жени трудници и доилки, кои имале сознанија дека за нив токму вакцината на овој производител е најбезбедна.

„Утрово имав телефонски разговор,  се јави претставничка на група жени трудници и доилки. Ми укажа дека имаат сознанија дека за нив повеќе одговара вакцината на Фајзер. Ги упатив да контактираат со професорката Гроздановска која е назначена за национален координатор за имунизација, не само за ковид. Доколку има некоја таква индикација нормално ќе се излезе во пресрет“, изјави министерот.

„Филипче потсети дека веќе има некои кампањи за зголемување на свеста за важноста на вакцинацијата, но додаде дека во тек е подготвка на нови. Мислам дека граѓаните треба да се свесни како вакцината ќе ја смени сликата на пандемијата. Сметам дека одзивот во смисла на пријавување треба да биде поголем, тоа е најсоодветниот начин да се добие термин.  Сите што се пријавиле, за кратко време ќе бидат вакцинирани“, истакна тој денеска.

 

Фото:  Архива

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.