ММС

Објавено на: 05/5/21 10:11 AM

Црвенковски не може да биде ништо друго освен СДСМ – Заев не верува во „приказните“ за нова партија

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, ги нарече „приказни“ информациите што проциркулираа во јавноста, дека поранешниот претседател Бранко Црвенковски, непосредно пред внатрепартиските избори и пред локалните, ќе формира своја, нова партија.

Одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на реновираниот полициски објект во Ресен, Заев истакна дека не верува оти Црвенковски ќе формира нова партија, но сепак ги упати новинарите да го прашаат и него.

– Гледам овие денови дека темата е присутна во јавноста, а никој не прашува дали е точна или не е. Црвенковски не може да биде ништо друго освен СДСМ, тоа ни е јасно на сите општественици па затоа не верувам во вакви приказни дека претседателот Бранко Црвенковски ќе формира нова партија. Тоа не е точно, но дефинитивно прашајте го него. Јас ова го кажувам бидејќи тој е еден од оснивачите, претседател на партијата долг период, премиер на државата и е наш општественик. Верувам дека шпекулациите како и за многу други работи се присутни, заради тоа што во Охрид  се најавува некоја нова листа од наши докажани социјалдемократи, рече Заев потенцирајќи оти смета дека секогаш внатре во редовите на партијата и во телата, може да се дискутира и да се изнајде решение за како што рече, компетитивноста кој што да биде и амбициите за кандидати.

Според Заев, партијата покажала сериозно единство и кога биле опозиција и сега кога се на власт. Најави дека на престојните локални избори СДСМ повторно ќе настапи сплотена и оти очекува победи.

– Убавината наша е тоа што сме многу различни во своите сфаќања, амбиции и предлози, знае и раководството да се повлече и да прифати предлог и членството да прифати предлог на раководството, затоа што само на тој начин доаѓаме до најквалитетни одлуки во интерес на граѓаните и секако членовите на СДСМ.Треба да бидеме мудри да ги избереме најдобрите кандидати, затоа што локалните избори се избори на личности, за совет и градоначалник, а граѓаните очекуваат токму од нас, политичките партии, да ги препознаме вистинските ликови за да може да ги номинираме, а тие да ги изберат. Ако се водиме од чувството што е тоа што е најдобро за граѓаните, внимателно ги слушаме, истражуваме преку анкети, така најдобро ќе им служиме на граѓаните, понудувајќи им ги можно најдобрите решенија за градоначалници и советници, рече Заев.

Во јавноста инаку се појавија шпекулации дека поранешниот претседател Бранко Црвенковски, ќе формира нова партија заедно со незадоволните од СДСМ. Гласините се засилија откако некаде се појавија независни листи од членови на СДСМ, а Шекеринска рече дека нема да се кандидира за заменик-претседател на СДСМ на престојниот конгрес, откако оваа функција ја извршуваше осум години.

 

Т.Н


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.