ММС

Објавено на: 05/5/21 11:08 AM

Ако успеам да спасам барем еден живот, не живеам залудно – Македонскиот д-р по фитомедицина, Драган Јованов ја доби наградата Академски нобел

„Ако успеам да спасам барем еден човечки живот не живеам залудно“, ова е мотото по кое се води македонскиот д-р по фитомедицина, Драган Јованов. Младиот научник кој има повеќе патенти, односно иновативни производи ја доби наградата „Академски нобел“ на интернационалниот натпревар кој го организираше Educacio World – организација за образование и наука.

„На натпреварот учествуваа професори, академици, наставници, едукатори и истражувачи од сите континени. Ова е светски образовен натпревар, во чии рамки секој требаше да ја достави својата биографија, да ја објасни својата истражувачка работа и да приложи докази за она што го имаше сработено. На овој начин стручната комисија одлучуваше за наградите“,  објаснува Јованов за Македонски медиа сервис додавајќи дека тој има повеќе патенти, односно иновативни производи во разни области. За потсетување, еден од најновите вакви производи е чајот за лица со невролошки и автоиуми заболувања на кој тој работеше со млади лица со данунов синдром. Тие заедно освоија и вкупно шест медали за Светскиот натпреват за млади иноватори во Индонезија.

Како што нагласува Јованов, тој пред комисијата образложил дека со својот специфичен начин на работа се помага на човештвото и како таков, тој треба да се негува за да им се овозможи добро здравје на луѓето.

„Патентите ги подготвувам во Македонија во соработка со мои блиски соработници и ментори од странство. Оваа светска награда за мене претставува историски траг за вечност. Секако тука најголем мотив е мојата покојна мајка и моето најблиско семејство“, истакнува младиот научник.

„За вистински истражувач, секоја награда секоја иновација треба да е нов почеток, каде што тој повторно се обидува да направи нешто кое е над претходните постигнувања. Тој секогаш треба да се обидува да направи нешто што никогаш порано не е направено или нешто што другите пред него се обиделе да го направат, а не успеале. Така понекогаш, со многу среќа, тој ќе успее“, додава Јованов.

Тој продолжува со други натпревари на сите континенти и апелира: „Бидете хумани и правете добри дела бидејќи она што го правиме денес останува во вечноста“.

Во меѓувреме Јованов е номиниран и во категоријата „Најдобар млад светски научник“ во рамките на наградите кои ги доделува организацијата  HumCen Global Ltd, India.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.