ММС

Објавено на: 05/4/21 6:22 PM

Средба Заев – Вархеји: ЕУ е нашиот пат, а европеизацијата е нашата агенда

Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, во рамките на неговата балканска турнеја организирана по повод испораката на првите вакцини против КОВИД-19 како помош од ЕУ за Западен Балкан, денеска пристигна во Северна Македонија.

На средбата со премиерот Зоран Заев, која се совпадна и со пристигнувањето на првите количини од 4.850 дози од одобрените вкупно 119.213 вакцини „Фајзер“, Заев изрази благодарност за помошта во времињата на решавање на предизвиците што ги наметна пандемијата и го оцени овој гест како голема порака за европската солидарност.

На средбата стана збор и за актуелниот миг на процесот за интеграција на нашата земја во ЕУ, при што премиерот Заев нагласи дека Северна Македонија е подготвена и отворена за изнаоѓање заедничко решение во билатералниот предизвик со Бугарија и изрази очекување ЕУ да помогне со креативни предлози за решенија.

Премиерот Заев изрази благодарност и за економската помош од 160 милиони евра од ЕУ, кои и беа ставени на располагање на Северна Македонија за спроведување на политиките за справување со социо-економските последици од пандемијата со кои се спасени стотици илјади работни места и се заштитени различни ранливи групи, како придонес од огромно значење во успешното економско заздравување.

„ЕУ е нашиот пат, а европеизацијата е нашата агенда“, нагласи премиерот Заев на средбата со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.

Еврокомесарот Вархеји од своја страна оцени дека денешниот е голем ден што ја симболизира солидарноста на ЕУ со земјите кандидати за членство од Западен Балкан и истакна дека за Брисел е значајно што оваа поддршка ќе ја засили борбата против пандемијата. Вархеји дополни дека нешто повеќе од 119.000 дози се обезбедени и дека во ЕУ работат на обезбедување дополнителна помош за справување со ковид кризата.

Во однос на интеграцискиот процес на нашата земја за членство во ЕУ, Вархеји потенцираше дека Европската Комисија дава силна поддршка на сите напори за изнаоѓање решение на отворените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел почеток на преговорите и позитивно ја оцени отвореноста и подготвеноста на Република Северна Македонија за изнаоѓање решение.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.