ММС

Објавено на: 05/4/21 3:07 PM

(ФОТО) Што бараше Фергусон во тимскиот хотел на ПСЖ?

Некоја чудна, навистина чудна фудбалска пандемиска сезона. Доколку сцените од „Олд Трафорд“ од викендот ве натераа да земете календар и да погледнете која година е всушност, откако навивачите на Манчестер Јунајтед влегоа на стадионот и оневозможија играње на најголемото англиско дерби помеѓу нивниот тим и Ливерпул, подгответе се добро за она што следува.

Легендарниот тренер на „црвените ѓаволи“ и веројатно број еден името во историјата на играта, Сер Алекс Фергусон, забележан е како излегува од тимскиот хотел на Париз Сен Жермен во Манчестер, во пресрет на реванш дуелот во полуфиналето од Лигата на шампионите.

Познавачите на приликите уверуваат дека никако не се работи за случајност, а што правел популарниот Ферги во друштво на парижани и Маурисио Покетино, фановите може само да прогнозираат.

Според новинарот на „Manchester Evening News“, Ричард Феј, Фергусон поминал еден час и дваесет минути во „Lowry Hotel“ каде што клубот од француската престолнина престојувал, а потоа го напуштил објектот во придружба на претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи.

Дали аргентинскиот стратег и екс-тренер на Тотенхем, добивал стручни совети од човекот кој знаел како да го победи Манчестер Сити и да добие голем натпревар, или едноставно Фергусон им посакал само „добра среќа“ против ривалот од „синиот“ дел на Манчестер, ќе дознаеме вечерва малку пред полноќ.

Манчестер Сити од Париз донесе на „Етихад“ предност од 1:2 и огромни шанси за пласман во дебитантско финале во најквалитетното клупско европско натпреварување.

 

 

 

Фото:

Manchester Evening News

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.