ММС

Објавено на: 05/4/21 12:40 PM

Скандал на прв ден вакцинација во Охрид – Сопственик на портал ги избркал волонтерите на Црвен крст од вакциналниот пункт

Со викање и груби зборови се соочиле утринава волонтерите на Црвен Крст – Охрид, откако пристигнале во СРЦ „Билјанини извори“, каде денеска почнува масовната вакцинација против Ковид-19 на населението од овој, но и од околните градови.

За ова тие информираа на социјалната мрежа Фејсбук, каде споделија дека биле избркани од страна на охриѓанецот Сашо Денесовски, кој како што тврдат, бил во улога на координатор за спроведување на масовната имунизација. Во изјава за Македонски медиа сервис од Црвен крст-Охрид наведуваат дека екипата е повлечена бидејќи сфатиле дека таму нема безбедни услови за ангажман на волонтерите.

-Со отворање на новиот пункт за масовна вакцинација во Охрид, спортската сала во СРЦ „Билјанини извори“ (и затворање на постоечкиот вакцинален пункт за ковид-19 на Здравствен дом Охрид во Општа болница Охрид) по насоки и координација со Црвениот крст на РСМ, волонтерите на Црвен крст Охрид утринава беа упатени на новиот пункт за вакцинирање за да продолжат со своите активности. На влезот од пунктот за вакцинација во СРЦ „Билјанини извори“ беа пречекани од лицето Сашо Денесовски кој со викање и груби зборови, пред официјални лица од Министерство за здравство и Здравствен дом Охрид, ја избрка екипата на Црвен крст Охрид. Црвен крст Охрид ја повлече екипата бидејќи сфативме дека е непожална и нема безбедни услови за ангажман на волонтерите. За овој настан известени се и министерот за здравство Венко Филипче и Црвениот крст на РСМ – се вели во писмениот допис до ММС.

Од Црвен крст додаваат дека се вклучени во помагање на одвивање на процесот на вакцинација со сите свои организации не само во државата, туку и насекаде во светот.

-Кога станува збор за Охрид, Црвен крст со соодветен соодветен број на волонтери, во зависност од потребите и бројот на закажани лица за вакцинирање, во две смени е вклучен во процесот на вакцинација против ковид-19 од самиот почеток на 05.04.2021г.. и тоа на вакциналниот пункт на Здравствен дом Охрид во Општата болница Охрид. Волонтерите на Црвен крст Охрид ги пречекуваа лицата кои треба да се вакцинираат, ги сместуваа соодветно на здравствените протоколи за заштита од ковид-19, мереа телесна температура и ги пополнуваа соодветните изјави за вакцинација, по што ги упатуваа на местото за апликацијата на вакцината – додаваат оттаму за ММС.

Тие посочуваат дека остануваат подготвени да се вклучат во процесот на масовна вакцинација во Охрид само доколку се создадат безбедни услови за ангажман на волонтерите.

Денесовски пак, се огласи преку порталот Ohridsky кој инаку, е во негова сопственост.

Во објавата тој наведува дека од Црвен Крст – Охрид всушност испратиле четиринаесетгодишен волонтер, кој тој го вратил назад. Според Денесовски, доколку оваа организација била заинтересирана да испрати волонтери тоа треба да го направи со обраќање до охридскиот градоначалник, Константин Георгиески.

Понатаму, Денесовски тврди дека ниту Министерството ниту Општината не вложиле во опремување на Регионалниот вакцинален пункт во Охрид, туку тоа го направило Здружението СОС Балкан Медиа Охрид.

-Здружение за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите СОС Балкан Медиа Охрид на повик на градоначалникот на Општина Охрид за 48 часа изврши целосно опремување на Регионалниот вакцинален пункт во Охрид, во што се вложија 1.200.000 денари од Здружението, додека влогот на Општина Охрид, Министерството за здравство на РСМ и други државни институции изнесува  нула денари. За разлика од СОС Балкан Медиа, Црвен Крст Охрид за своите волонтери побара фантастични 1.400,000,оо денари – се додава во објавата.

За коментар се обративме и до Министерството за здравство, од каде ни одговорија дека секој поединец или институција е повеќе од добродојден за помош и поддршка во процесот на имунизација, не само во регионот на Охрид, туку насекаде во државата.

Сите кои се дел од процесот на имунизација, дали тоа е во спортските сали и во здравствените установи, се соодветно обучени и поминале процес на симулација на вакцинација. Во овие обуки учествуваше и медицински и немедицински кадар и изминатиов период поминаа обуки за непречено спроведување на процесто и текот на вакцинацијата. Конкретно за пунктот за масовна вакцинација во Охрид, во моментов  има ангажирано доволно лица за непречено да се довива процесот, доколку се утврди дополнителна потреба секако дека повеќе лица дополнително ќе се вклучат во овој процес. Но по соодветен план, меѓусебен договор и динамика како и по претходно помината обука од соодветните лица во системот Мој Термин и Министерството за здравство, се вели во писмениот одговор од здравствените власти.

Од оваа институција сепак, не одговорија во кое својство Денесовски е ангажиран на вакционалниот пункт во Охрид и дали е точно дека во опремувањето не се вложени никакви парични средства ниту од Министерството ниту од Општината,  како што тој самиот тврди.

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.