ММС

Објавено на: 05/4/21 11:51 AM

Едштадлер: ЕУ треба да ја награди Македонија за сите чекори досега

Австрија е во срцето на Европа, а Северна Македонија е во срцето на Балканот. Јас сакам двете срца да бидат обединети во ЕУ„ истакна на македонски јазик, министерката за Европа и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер која е во посета на нашата земја.

Министерката денес се сретна со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров со кого одржаа средба и во Виена пред десетина дена, но сега повод е испораката од Европската унија на вакцините од Фајзер.

– Треба да се грижиме за овој дел од Балканот кој е многу важен за нас. Имаме економска соработка, Западен балкан е сигурносен јазол и без него ЕУ не е комплетна. Тоа не треба да се искаже само со зборови туку и со дела. Затоа се радувам на вакцините кои пристигнуваат од ЕУ – рече Едштадлер.

Австриската министерка го потенцираше партнерството со нашата земја и поддршката која Виена и ја дава на Македонија и затоа сака процесот на проширување да се откочи и да се случи првата меѓувладина конференција за време на португалското претседателство до јуни.

Таа откри дека Австрија дава понуда да биде посредник помеѓу Бугарија и Македонија за надминување на спортот со што би се откочила европската перспектива на нашата земја.

„ Немам разбирање некои земји овде да ги блокираат стремежите на Македонија, немам разбирање за Бугарија, но имаме целосна доверба во португалското претседателство. Не ја знам цела приказна во историјата, но знам што значи да се занимавате со минатото. Јас сум политичар кој се грижи за иднината и перспективата. Серверна Македонија и припаѓа на Европа и мора да го завршиме тој процес. Сакам Македонија да биде наградена за сите чекори што досега ги презеде – додаде таа.

Вицепремиерот Никола Димитров и се заблагодари на Австрија за напорот да биде дел од преговорите со Фајзер за распределба на вакцини во Македонија, за поддршката на Виена во процесот на евроинтеграциите и економската соработка.

Димитров потенцираше колку е важно Македонија да направи пробив кон ЕУ и да ги почне преговорите веднаш после 16 години чекање во чекалната на ЕУ.

– Ние сме земја кандидат 16 години и нашиот случај е вистински тест за ЕУ. Време е да почнеме пристапни преговори. Со Бугарија сме соседи кои споделуваме многу. Во овој контекст или ќе бидеме заедно поразени или ќе бидеме заедно победници. Ние загубивме неколку генерации во чекалницата на Европа. Направивме многу во изминатите години и решавајќи проблеми дома и проблеми со други земји. Ако ЕУ го потфрли овој успех, ќе испрати лоша порака до регионот. Треба порака од ЕУ дека е навистина сериозна кога зборува за проширувањето. Успехот ќе значи поттик за нас, успехот за ЕУ ќе значи дека Унијата ги спроведува своие одлуки. Треба да ги отвориме сите канали на комуникација со Бугарија, ние немаме многу луксуз да пропуштаме шанси. Мора да ги користиме шансите.

Ни треба успех, ни треба меѓувладина конференција – рече Димитров.

 

Орце Костов

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.