ММС

Објавено на: 05/3/21 12:25 PM

Мас за спорот со Бугарија – Историчарите да ги водат разговорите без притисок од надвор

Бујар Османи денеска замина во Берлин каде оствари средба со министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас.

На средбата беа отворени темите поврзани со европските интеграции на Република Северна Македонија, како и последните актуелности од регионален аспект.

Германија понуди поддршка преку нивните искуства за решавање на билатералното прашање меѓу Скопје и Софија, но останува ова прашање да се реши на билатерално ниво, а преговорите да ги водат историчарите.

– За нас е одлучувачки она што се однесува до преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија. Минатата година имавме интензивни преговори со партнерите во Скопје и Софија и исто така нудиме и понатаму поддршка со нашите искуства доколку тоа од страна на Северна Македонија и Бугарија е посакувано. Останува овие прашања да се решат на билатерално ниво. Самите вешти лица, историчарите, мора да ги водат во рамки на своите комисии, без притисок од надвор, потенцира Мас.

Османи, пак, посочи дека клучот на решението на проблемот со Бугарија е во Договорот за пријателство потпишан во 2017 како прецизна политичка рамка за разрешување на било кои недоразбирања.

– Во исто време во континуитет имаме искрен пристап кон нашите соседи со посебен фокус кон Бугарија. Веќе оформивме и Акциски план за линиската соработка меѓу двете држави на повеќе полиња. А подготвени сме да влеземе и во суштинска расправа за недоразбирањата што ја оптоваруваат довербата меѓу двете земји, рече Османи.

Посетата на министерот Османи на Берлин продолжува со средбата со државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе се сретне и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на Канцеларката Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и Комисиите во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.