ММС

Објавено на: 05/2/21 7:33 PM

Нема повеќе опасност по куќите од село Галичник, шумскиот пожар ставен под контрола

Шумскиот пожар што околу пладне избувна над селото Галичник е ставен под контрола, објави Месната заедница Галичник на Фејсбук.

– Драги галичани, пожарот е под контрола. Според последните информации, нема опасност за имотите и куќите. Денеска интервенираа НП Маврово, Центар за управување со кризи, Противпожарните бригади од Дебар и Гостивар, амбулантно возило Гостивар, хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија, локално население и екипи и возила на Коњички клуб Шерпа. Вечерва во Галичник имаме гости – специјална единица на Армијата, кои се присутни за поддршка доколку состојбите станат критични и се појави потреба од интервенција. Посебна благодарност до нив!, се наведува во објавата.

Пожарот над хотел „Неда“ бил целосно изгаснат, додека сега се интервенира на делот кај далекуводите и се очекува брза локализација и гасење.

– Електричната енергија е сѐ уште во прекин и ќе биде повторно пуштена откако ќе се извршат потребните проверки. Ќе информираме дополнително. Огромна благодарност до сите вклучени во денешната акција!, се додава во објавата.

Претходно, Центарот за управување со кризи информира дека хеликоптерот на Армијата кој се упати да учествува во гаснењето на шумскиот пожар над селото Галичник, не можел да дејствува заради многу силниот и променлив планински ветер.

– Армискиот хеликотер со опрема за гаснење пожар е во близина на Галичник.  Стигнал во најбрзо што можел, но не можел да дејствува, заради многу силниот и променлив планински ветер. Хеликоптерот е приземјен на најблиско можно место до Галичник и екипажот е подготвен да дејствува, согласно проценките за временските услови и силината на ветрот, а секако и се дури има и дневна светлина за видливост за летање и дејствување со хеликоптер за гаснење шумски пожар, рекоа од ЦУК.

О.К.

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.