ММС

Објавено на: 05/2/21 8:20 PM

(Видео/Фото) Љубов, среќа, тага, разделби – Мостот во село Зовиќ е сведок на историјата, а Милчо го прослави низ цел свет

“Мостот и старата воденица се сведоци на многу љубов, тага, среќа, разделби низ историјата. Не потсетуваат на многу убави времиња. Фала му на Господ што Милчо Манчевски реши да снима филм и овој мост да го прослави, па сега срцето и душата ми се исполнети кога гледам секојдневно како доаѓаат туристи да не посетат“, за ММС со солзи во очите се присети еден 85-годишен жител од селото Зовиќ, едно од најубавите села во Мариово, на сите убавини кои мостот им ги дал на тамошните жители.

Селото Зовиќ е една од најпосетуваните локации во Мариово, пред се поради камениот или од неодамна наречен филмски мост. Селото се наоѓа во општина Новаци на 50 километри источно од битола во регионот Мариово, а до него се стигнува преку кривулест асфалтен пат.

Во близина на селото тече Градеска река на која се наоѓа еден од најубавите мостови на Балканот. Мостот е изграден во 1955 на местото на стариот дрвен мост, кој постоел уште од  османлиското време, но се срушил под тежината на воловска  количка.

Дел од сцените во филмот “Прашина” во режија на најпознатиот македонски режисер – Милчо Манчевски, беа снимени на овој мост и бидејќи станува туристичка атракција редовно посетувана од странски и домашни туристи.

Камените блокови кои му ја даваат формата на лак, го прават мостот атрактивен за странските туристи кои ги имаше и за време од овие велигденски и првомајски празници. Тие беа импресионирани од маркантноста на мостот, енергијата и убавината на воденицата и велат дека ова мариовско село со својата архитектура може да се нарече Тоскана на Балканот.

Под мостот на висока карпа е насликан „Св. Георгиј“, како еден вид релик на црквата што постоела таму. Фреската  на „Св. Ѓорѓија“  датира од 1925 година, а годината  е впишана заедно со имињата на донаторите. На фрескосликарството, фигурата на „Св. Ѓеоргиј“ е поставен на бел коњ со црвеникава наметка и во позиција како го убива змејот. Фреската е обновена во 2006 година од страна на Националниот завод за заштита на спомениците на културата и Битолскиот музеј.

Убавината на Зовиќ и Мариово не може да се раскаже, таа мора да се доживее. Оној што ќе дојде да го посети најчистиот предел во Македонија со свои очи ќе види како таму вековите се застанати, а убавината живее.

 

Текст, фото и видео: Орце Костов

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.