ММС

Објавено на: 05/2/21 7:00 PM

Животот треба нешто да ти земе, за да ти подари: Манекенката Билјана Јаневска го прослави 29-от роденден, но вели дека е дете во душата

Да ја пронајде љубовта на својот живот, е желбата која ја замислила дувајќи ги роденденските свеќички манекенката, Билјана Јаневска. Македонската убавица го прослави 29-от роденден со скромна забава на отворено со најблиските пријатели, според актуелните протоколи за заштита од ковид-19.

Претходното интервју ММС со неа го реализираше во периодот кога таа се подготвуваше за учество на Miss Tourism International, а сега токму по повод роденденот.

„Си посакав добро здравје пред се’, но и да си ја пронајдам сродната душа со која ќе го поминам целиот живот со љубов и слога, па секако и со многу дечиња. Едвај чекам да се остварам како мајка. Инаку, едната желба секако ми се исполни и веќе си го добив најубавиот роденденски подарок. Се вработив во ЈП „Дрисла“, со оглед на тоа дека сум магистер по екологија. Така што овој роденден ми беше посебен уште пред да го прославам“, вели Биле за Македонски медиа сервис.

Ја прашавме дали според неа, со годините доаѓаат мудроста и зрелоста, па вели дека во нејзиниот случај се покажало дека е така.

-Искрено не се плашам од годините, тие се само број се’ додека душата ти е млада. Па јас самата сум како дете во душата. За овие 29 години научив да му се радувам на животот, да оставам работите да си течат по свој тек. Научив и дека треба да ти се земе нешто во животот за да ти се подари. Тој горе одлучува за се’ – додава таа.

„Можно е повторно да учествувам на Избор за мис, кој ќе се одржува виртуелно. Организаторите се од Јамајка, а според најавите треба да се одржи во јуни. Тие се доста упорни и сакаат Македонија да учествува. Јас поради лични причини ги одбив веќе два пати, но сепак ќе видиме како ќе биде“,  ни открива Биле.

Овие празнични денови таа ги поминува со својата мајка. Вели дека сака секој миг да го искористи за да ја опкружи со љубов и внимание, во знак на благодарност за жртвите кои ги направила за неа.

„Велигден е за мене најубав празник, па јас сум родена на Велигден. Сега роденденот ми се падна на Велики четврток. Ова за мене е најважниот христијански празник“, посочува таа.

Според неа, секој човек се бори за своето место под сонцето. Таа е убедена дека веќе успеала да го најде своето.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.