ММС

Објавено на: 05/1/21 11:48 AM

Дојран оптимистички влегува во претстојната сезона

Оптимизам и раздвиженост се гледа на секој агол овие денови во туристички Дојран, откако властите дозволија да се работи за Први мај и Велигден без полициски час. Пандемијата остави трајни траги и врз изгледот и функционирањето на малото туристичко место, па во отсуство на српските и грчките туристи кои во овој период веќе беа секојдневна слика во Дојран, особено за викендите, локалните угостителите се научија да ја приспособат својата понуда за домашните туристи.

Од своја страна, и македонските туристи се чини одново го откриваат Дојран како можна дестинација за одмор, наместо да бидат претежно ориентирани кон плажите на јужниот сосед.

– Дојран заслужува подобро во понудата. Има природни убавини, а слаби капацитети на државните власти за да ги искористат, но за нас пред се Дојран е прибежиште од големиот градски метеж и тука го наоѓаме својот мир – вели редовна посетителка на Дојран.

Борбата со пандемијата си остави свој белег и врз локалното население, па и покрај тешките моменти на страв и безизлезност од ситуацијата, и кај нив веќе се насетува нова надеж дека болеста конечно ќе добие свој епилог.

– Корона како корона, сите викаат треба да се чуваме, не знаеме колку ќе трае, не знаеме како се лечи. Ги слушаме секојдневно професорите на телевизорите, ни кажуваат вака правете онака не правете. Вакцините биле толку квалитетни, или неквалитетни, ни кажуваат треба самите да се чувате. Сега слушаме дека вакцини веќе идат, да видиме и тие што ќе ни помогнат. Воопшто како граѓанин велам – научи се со тоа да живееш, биди позитивен, мисли позитивно и позитивно ќе те снајде – го сподели своето лично мислење за короната една постара жителка на Дојран.

Истовремено и старите и веќе брендирани имиња на кафулиња, ресторани и кафани во Дојран, меѓупериодот на намалена туристичка активност го искористија за поправки, реновирања, измени и новитети во својата понуда.

Паралелно со нив и локалните власти за претстојната сезона планираат подобро чистење на езерското крајбрежје, отворање на нов градски парк со уредено детско катче и за првпат во Дојран посебен простор за миленичиња.

За таа цел општината веќе промовираше нов багер на вода, таканаречена амфибија, со која треба да се допринесе за подобар квалитет во чистењето и изгледот на дојранското крајбрежје.

– Новата механизација ќе ни послужи пред се за расчистување на крајбрежјето и на сето она што значи загадување на Езерото. Ќе ни служи доста и во отворањето на нови плажи, нови капацитети за туристите – нагласува Анго Ангов, градоначалник на општината.

Во најава од локалните власти е и дека општината конечно ќе си ги добие спомениците на своите историски дејци, односно ќе бидат поставени нови обележја за најзначајните личности од Дојран, на местото на старите кои пред неколку години беа украдени.

 

Роза Шулева


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.