ММС

Објавено на: 05/1/21 9:39 AM

Десетици илјади луѓе останаа без работа додека богатите го дуплираа својот капитал: Со првомајски проглас се бараат поголеми работнички права

Најголемиот товар на кризата предизвикана од прогласената пандемија на COVID-19, повторно падна на грбот на сиромашните, додека богатите продолжија да се богатат од трудот и маката на работничките и работниците. Помина повеќе од една година од пандемијата, а работничките и работниците, сиромашните, младите, жените и сите послаби општествени групи се оние што најмногу страдаа и ќе продолжат да страдаат – предупредија денеска повеќе синдикати и здруженија од земјава.

На глобално ниво, 100 милиони луѓе западнаа во тешка сиромаштија, а сите работници заедно изгубија околу 3.700 милијарди долари, односно 8.4% од нивниот доход, исто онолку за колку што се зголеми богатството на светските милијардери. Во Македонија, десетици илјади лица останаа без работа за време на кризата. Многу повеќе останаа без примања, додека богатите го дуплираа својот капитал, заштитени од мерките што државата ги донесе за да им помогне на фирмите – се наведува во нивното писмено соопштение по повод Меѓународниот ден на трудот.

Минималната плата се зголеми за само 200 денари, иако најпогодени од кризата се токму работничките и работниците што работат за минималец – сметаат здруженијата и синдикатите. Тие потсетуваат дека дел од работодавачите ја злоупотребија државната финансиска помош. Забележуваат и дека Владата не ги прифатила барањата на работниците пренесени преку нивните претставници не беа земени предвид.

Опозицијата со недели го блокираше петтиот пакет економски мерки, отворено покажувајќи дека не се грижи за работниците и сиромашните – се додава во денешното соопштение кое го потпишуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), Независниот академски синдикат (НАкС), Левичарското движење „Солидарност”, Здружението на граѓани „Гласен Текстилец” и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Преку денешното соопштение тие излегоа со единаесет барања за поголема заштита на работничките права:

-Итно носење на новиот Закон за работните односи што ќе ги рефлектира потребите на работниците наметнати од кризата и ќе ги штити нивните права и интереси.

-Покачување на минималната плата, имајќи предвид дека потрошувачката кошница постојано се зголемува, односно, трошоците за задоволување на основните егзистенцијални потреби како исхрана, облека и средства за заштита од вирусот постојано растат.

-Измени и дополнување на Правилникот за професионални болести со цел болеста предизвикана од Ковид-19 да се предвиди како „повреда на работа” за сите работници и соодветно на тоа, надоместокот на плата ќе се исплаќа во висина од 100% од основицата, додека трае спреченоста за работа.

-Правилникот за професионални болести да се измени и во однос на изолираноста заради спречување на зараза, со што висината на надоместокот на платата за привремена спреченост од работа да се исплаќа во полн износ за оние лица за кои Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) издал решение за самоизолација заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19. По контакт со заболено лице од коронавирусот, отсуството пред работодавачите може да се оправда со решение и истото се доставува до работодавачот за регулирање на привремена спреченост од работа.

-Да се овозможи паричен надоместок за невработени да можат да користат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината, за да се заштитат работниците кои останаа без работа на овој начин во кризава. Периодот за кој се исплаќа надоместокот треба да биде врзан со стажот на работникот.

-Забрана за доделување финансиска поддршка на фирми што ја злоупотребиле државната помош и не им исплаќале плати на работниците или пак, им исплаќале плата под минималната.

-Државната финансиска помош да се исплаќа директно на сметките на работничките и работниците, затоа што само на овој начин може да се избегнат грубите злоупотреби, а работниците навремено ќе ја добиваат заработената плата.

-Да се обезбеди заштита на прекарните работнички и работници, како што се хонорарците, фриленсерите и други, кои се најнесигурната категорија и немаат никакво социјално и здравствено осигурување. Оваа категорија работници да биде опфатена со економските мерки за државна финансиска помош.

-Мораториум на наплата на ратите кон банките и долгови кон извршители за времетраењето на кризата. Дополнително, да се забрани пресметување камати од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите за истиот период, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.

-Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП)  брзо и ефикасно да реагираат за да се спречат злоупотребите и грубото кршење на работничките права.  Државните служби да ја користат можноста да иницираат постапки по службена должност кај работодавачите за кои има сознанија дека постапуваат спротивно на закон. Дополнително, државните служби да ја користат можноста за повикување на кривична одговорност на работодавачите.

-Задолжително консултирање со синдикатите и здруженијата на граѓан(к)и што се залагаат за работниците и за работничките права при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност.

 

Фото: Илустрација / Freepik


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.