ММС

Објавено на: 04/29/21 11:00 PM

Бајден во првото обраќање до Конгресот: Кризата ја претвораме во прилика

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, во своето прво обраќање пред Конгресот порача дека државата „ја претвора опасноста во можност и кризата во прилика“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Бајден порача дека „Америка е повторно во движење“, откако ја претрпе, како што рече, најлошата пандемија на векот, што предизвика смрт на повеќе од половина милион луѓе и еден од најлошите економски падови во историјата.

„Една нација претвора опасност во можност. Кризата во прилика. Проблемите во сила“, рече Бајден во пресрет на неговиот 100-ти ден на функцијата.

Поради пандемијата на коронавирусот, Бајден одржа говор пред мала група демократски и републикански пратеници.

Додаде дека дошол за да разговара за кризата и можностите, за повторна изградба на нацијата, ревитализација на демократијата и освојување на иднината на Америка.

„Сите знаеме дека животот може да нè сруши, но ние во Америка никогаш, баш никогаш не остануваме долу. Американците секогаш стануваат. Денес го правиме тоа. Америка повторно се крева, избирајќи ја надежта наместо стравот, вистината над лагата и светлината над темнината“, рече Бајден.

Додаде дека треба уште многу да се направи за да се победи коронавирусот.

„Но, вечерва можам да кажам за вас, за американскиот народ, дека нашиот напредок во изминатите 100 дена во борбата против една од најлошите пандемии во историјата е едно од најголемите логистички достигнувања што оваа земја некогаш ги видела“, рече американскиот претседател.

Бајден, исто така, предупреди дека американските конкуренти забрзано настојуваат да го надминат јазот во глобалното водство на САД, посебно укажувајќи на кинескиот претседател Си Ѓинпинг, повикувајќи ги демократите и републиканците да застанат зад обемните планови за обнова на земјата.

„Си е смртно сериозен во планот да станат најзначајната нација на светот“, рече тој, додавајќи дека нацијата мора да вложи во своите деца, со цел „да победиме на тој натпревар за иднината“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.