ММС

Објавено на: 04/29/21 10:35 PM

Голеада на „Олд Трафорд“, Виљареал со минимална предност ќе патува за Лондон

Првиот чин од полуфиналната драма во Европа Лига, ги задоволи апетите на неутралците. Голеада на „Олд Трафорд“, црвени картони и тврд, но возбудлив дуел во Шпанија. Патникот за финалето во второто по квалитет европско клупско натпреварување, без намера да им ги одземеме теоретските шанси на Рома, решен е во „црвениот“ дел на Манчестер уште по првиот меч.

Екипата на Оле Гунар Солскјер за едно полувреме постигна пет погодоци и се врати во мечот на неверојатен начин. Се поставува прашањето „како е можно една екипа во оваа фаза и на поприлично високо фудбалско ниво, да прими пет гола за толку краток временски период“, но „црвените ѓаволи“ не би требало премногу да размислуваат на оваа тема.

Рома на паузата помеѓу двете полувремиња отиде со предност од 1:2, а Фонсека со три принудно извршени замени. Бруно Фернандес по додавањето на фантастичниот вечерва Единсон Кавани, го отвори рано резултатот, но римјаните преку Лоренцо Пелегрини од белата точка и Един Џеко во 34-тата минута го шокираа фаворизираниот домаќин.

Второто полувреме – голеада. Јунајтед по којзнае кој пат сезонава направи кам-бек и повторно ја натера Рома по лошо да го памети „театарот на соништата“. Уругвајскиот напаѓач ја отвори „сметката“ и инстантно го совлада голманот на гостите, а некогашниот играч на ПСЖ и Наполи во 64-тата минута го донесе и посакуваното водство на својот тим. Еден од послабите поединци вечерва, Крис Смолинг, заборави дека уште летово официјално ги промени клупските бои и направи несмасен и непотребен прекршок во својот петерец, прекршок за кој се чинеше дека и после проверката на ВАР собата е прелесно окарактеризиран како пенал. Фернандес ја протна топката во мрежата на Миранте. Погба со глава токму по додавањето на Португалецот ја „пукна петардата“ во Англија, додека пак резервистот Мејсон Гринвуд само го дотолчи индиспинираниот и дезориентиран италијански опонент за конечни 6:2.

Втората полуфинална двојка беше посрамежлива со голови, но на „Ла Керамика“ имаше секакви фудбалски и помалку фудбалски елементи. Чудната тактика на Микел Артета, играчите на Виљареал знаеја максимално да ја искористат. „Жолтата подморница“ уште по првите 30 минути имаше водство од 2:0 над гостите од Лондон. Ману Тригерос во петтата и Раул Албиол во 29-тата се запишаа во листата на стрелците. Полуфиналистот од Лигата на шампионите од 2006 година, кој беше поразен токму од денешниот противник, ја контролираше играта и не дозволуваше брзоногите напаѓачи на Арсенал да создаваат загрозувачки шанси кон нивниот гол.

Сите, освен предводникот на Арсенал, нотираа дека играта на Дани Себаљос е неартикулирана и дека Шпанецот би можел многу лесно да се најде во бележникот на главниот арбитар. Тоа се случи и тоа во два наврати. Прво во 44-та, потоа во 57-ма минута, екс-играчот на Реал Мадрид заработи два жолти картони и ги остави соиграчите на цедило. Но, црвениот картон на Себаљос како да делуваше обратно врз „топџиите“. Од тој момент англиските претставници се консолидираат и тргаат по голот на солидниот Џеронимо Руљи. Упорноста се исплатеше кога во 73-тата минута судијата досуди пенал, а Николас Пепе мирно реализираше од 11 метри. До крајот на двобојот Етиен Капуе му се придружи на Себаљос во соблекувалната на „прерано туширање“.

Реваншот во престолнината на Италија следната седмица, најверојатно ќе биде само формалност, но она што радува е неизвесниот 2:1 скор од Шпанија и повторната средба на Унаи Емери со Арсенал на „Емирати“.

Дали ќе гледаме англиско финале, или малиот Виљареал ќе ги вкрсти копјата со Манчестер Јунајтед во големото финале, останува да почекаме. А дотогаш – лигашки фудбал претстојниот викед и не е толку лоша идеја.

 

 

Фото:

Twitter

д.ј

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.