ММС

Објавено на: 04/29/21 9:56 PM

Гутереш: Не најдовме заеднички јазик за отпочнување официјални преговори за кипарското прашање

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денеска изјави дека сѐ уште не е пронајдена заедничка основа за продолжување на формалните преговори за решавање на кипарското прашање, јавува Агенција Анадолија (АА).

Гутереш зборуваше на прес-конференцијата во Женева по три дена од неформалните преговори чија цел беше да се оствари исчекор во кипарското прашање. Генералниот секретар изјави дека ќе свика уште еден круг на разговори во форматот „5 + 1“ во врска со овој процес.

„Бевме во можност да се согласиме дека во блиска иднина ќе свикам уште еден состанок 5 + 1, повторно со цел да се движиме во насока на постигнување заеднички јазик за да се овозможи официјално преговарање“, истакна генералниот секретар на ОН.

„Посветени сме да сториме сѐ што можеме за овој дијалог да продолжи“, рече Гутереш.

Тој истакна дека ставот изразен од кипарските Турци е дека решението треба да се заснова на двете држави.

Гутереш истакна дека ставот кој вчера го изразил претседателот на кипарските Турци, Ерсан Татар, бил дека многу напори вложени во решавање на кипарското прашање пропаднале, вклучувајќи го и последниот обид во Кранс Монтана во 2017 година.

„Веруваат дека напорите за преговори за федерација на двете зони или двете заедници се исцрпени. Решението, според нив, треба да се заснова на соработка на двете земји“, рече Гутереш.

Тој потсети на ставот кој вчера делегацијата на кипарските Грци го изнесе, а тоа е дека преговорите треба да започнат од онаму каде што застанале во Кранс Монтана.

„Според администрацијата на кипарските Грци, преговорите би требало да имаат за цел постигнување на решение базирано на федерација на двете зони, двете заедници со политичка еднаквост врз основа на релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН“, додаде Гутереш.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.