ММС

Објавено на: 04/29/21 11:15 AM

Се симулира процесот на вакцинација во салата „Јордан Мијалков“ во Штип: Техничките подготовки завршија, се доекипира кадарот

Намален е бројот на пациенти кои доаѓаат за амбулантски преглед во Клиничката болница во Штип. Директорот, Ален Георгијев дели дека ако претходно се прегледувале и до 150 лица дневно, сега тој број е под 100. Георгијев денеска информира дека во зградата на Инфективното одделение има десетина слободни кревети. Капацитетите во модуларната болница сепак се исполнети и таму има пациенти со сериозна клиничка слика.

Според Георгијев, во овој пролетен бран има многу повеќе повеќе пациенти. На дневна основа се трошат околу 600-700 литри кислород. Потрошувачката е намалена, но како што вели директорот, состојбата будно се следи.

Георгијев информираше за ова од спортската сала „Јордан Мијалков“, која ќе биде дел од пунктовите за масовна имунизација во земјава. Во оваа спортска сала денеска има и симулација односно проба за тоа како би течела вакцинацијата.

„Имаме отприлика 22 медицински сестри. Денес сум тука за да видиме дали е се’ во ред и се надевам дека од следната недела ќе бидеме 100 проценти спремни. Се надевам дека процесот ќе тече беспрекорно. Според најавите, мислам дека од петти мај ќе почнеме, но тоа е одлука на централно ниво. Ние сме само извршители на процесот според одлуките донесени од Министерството за здравство“, додаде Георгијев.

Директорката на Здравствениот дом-Штип, Снежана Трајковска вели дека техничките подготовки се завршени, а кадровското доекипирање се’ уште трае.

„Над 80 проценти персонал имаме, може да задоволиме. Чекаме да стасат вакцините. Обуките завршија, медицинските сестри беа во Скопје на обука. Фрижидерите за Фајзер се донесени, а имаме фрижидери и за кинеските вакцини“, истакна Трајковска.

Проценките се дека во оваа спортска сала дневно ќе може да се вакцинираат по 1000 до 2000 лица, но за тоа ќе бидат потребни 50 медицински сестри, 8 доктори и 16 администратори.

„Администраторите ќе имаат задача да ги внесуваат податоците на пациентите. Во улога на администратори ќе бидат студентите од петта и песта година на Медицинскиот факултет при УГД, а ќе помагаат и волонтерите од Црвен Крст кои ќе стојат на влезот на пунктот“, објасни Трајковска. Во Штип до вчера се вакцинирани околу 800 луѓе, а вакцинацијата продолжува и денеска. Во Здравствениот дом –Штип вакцинирањето ќе продолжи и в понеделник со вакцината на Фајзер.

Во салата „Јордан Мијалков пак“, вакцинирањето ќе биде со кинеската вакцина.

 

Фото:  Архива

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.