ММС

Објавено на: 04/29/21 10:28 AM

Да бидеме реални, нема гаранции дека ќе почнеме преговори, вели вицепремиерот за европски прашања, Димитров

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров не сака да ја поткрева надежта на македонските граѓани дека наскоро ќе почнеме преговори со ЕУ.

На настанот по повод донирањето на медицинска опрема од страна на Република Словачка пред универзитетската клиника за детски болести, Димитров рече дека ако и оваа година нема поместување на прашањето за проширување на Западен Балкан, ќе бледнее европската идеја и тешко ќе им се објасни на граѓаните да продолжат да веруваат во ЕУ.

– ЕУ не е џиновски пазар, таа почива на вредности. Хрватска годинава одбележува осум години членство, а ние не сме го почнале процесот на преговори. Имавме билатерален проблем. Но, го решивме со сите мани и предности, решивме проблем што многу тешко се решава и ако тоа ЕУ не го препознае и нашите соседи, тогаш нашата иднина за ЕУ бледнее премногу – рече тој.

Димитров се осврна на проблемот со Бугарија и рече дека и таа ќе загуби многу во овој процес.

– Или ќе бидеме сите губитници или ќе бидеме сите победници. И Бугарија ќе изгуби многу затоа што треба да ја вратиме довербата, блискоста и соработката. Ќе загуби и ЕУ и ќе биде многу тешко, зборовите на ЕУ да бидат третирани со доверба и сериозност кај нас и во регионот. Не треба да креваме раце, мислам дека има посветеност кај португалското претседателство да се направи се што може. Да правиме се што можеме, но нема гаранции, да бидеме реални, не сакам надежта да ја поткревам. Мое е да го кревам влогот. Мислам дека е дојдено време да имаме меѓувладина конференција и со нас и со Тирана – додаде Димитров.

Мартин Клус заменик министерот на МНР на Република Словачка, рече дека за Словачка стратешка цел е Македонија да ги почне преговорите што побрзо и се осврна на наводниот нонпејпер кој кружи на Балканот а во кој се содржани прекројувања на границите во регионот.

– Што се однесува до нонпејперот, се додека не го знаеме авторот на тој документ, тоа е подобро. Да не се фокусираме на историјата. Ние веруваме дека секој обид да се разговара за духовите од историјата, вклучувајќи ја и промената на границата, не е прифатлив за нас. Двете земји, Македонија и Албанија, треба да ги почнат преговорите и ќе биде полесно за нив и за нас. Ако почнат, мислам дека ќе ги однесеме во ЕУ многу брзо, а тоа е стратешка цел за нас во Словачка, изјаи Мартин Клус.

 

Орце Костов

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.