ММС

Објавено на: 04/29/21 9:51 AM

Секој спасен живот овде во Македонија ни значи многу во Словачка, рече амбасадорот Мартин Клус

„Драги пријатели, ние веруваме дека Македонија е една од најпријателските земји за нас. Ова е многу важно за нас. Секој спасен живот тука во Македонија со респиратори кои се направени кај нас во Словачка ни значи многу. Ја поддржуваме Македонија на патот кон Европската унија и како земја тука сме за што и да ви треба„, рече Мартин Клус, заменик министерот за надворешни работи на Словачка пред Универзитетската клиника за детски болести која доби четири респиратори како донација од оваа земја членка на ЕУ.

На настанот присуствуваа министерот за здравство, Венко Фиипче, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, амбасадорот на Словачка, неговата екселенција Хенрик Маркуш и директорката на универзитетската клиника за детски болести, Аспазија Софијанова.

– Ова е уште една донација на системот за солидарност на ЕУ. Благодарение на овој систем стигнаа доста донации со кои подобро ја менаџиравме кризата. Благодарност до министерот на Словачка и многу активниот амбасадор кај нас на Словачка. Тој се вложи многу во оваа донација за овие четири респиратори да стигнат во нашата земја наместо на друго место. Тоа се респиратори за пациенти кои што се заболени од Ковид и навистина тие дадоа одлични резултати, истакна Венко Филипче.

Директорката Софијанова им се заблагодари на министерот Мартин Клус и на амбасадорот Хенрик Маркуш за тоа што ова многу ќе им значи на клиниката.

– Ова е единствената универзитетска клиника која се занимава со детски болести. Благодарам за донацијата. Овие вентилатори ќе значат многу во лекувањето на  децата, ова ќе значи спасување на детските животи. Овие апарати, донација на словачката Влада, се модерни, ефикасни и ги заслужуваат оние најмалите. Технологијата и новитетите во медицината треба да ги споделуваме. Ви благодарам и со задоволство ја прифаќам понудата – додаде Софијанова.

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.