ММС

Објавено на: 04/28/21 10:27 PM

(ВИДЕО) Манчестер Сити со два гола од гости се враќа на „Етихад“, ПСЖ се угаси во второто полувреме

Две различни полувремиња, две различни изданија на францускиот актуелен и идниот англиски првак. Единствената разлика се состоеше во тоа што парижаните во моментите на доминација постигнаа само еден, додека пак Англичаните двапати ја тресеа мрежата на вечерва несигурниот Кејлор Навас.

Екипата на Маурисио Покетино одлично го отвори мечот, впрочем во првите 45 минути ПСЖ се покажа во одлично светло, оставајќи го силниот опонент со само една шанса на Фил Фоден при крајот на полувремето.

Нејмар уште во 13-тата минута лесно се прошета низ одбраната и шутираше под пречката. Смирениот Едерсон го спаси својот гол, но не успеа да ја повтори истата интервенција по прекинот на домаќините две минути подоцна. Ди Марија прецизно нафрли во петерецот на Бразилецот, а неговиот сонародник Маркињос ги избегна чуварите и ја „закуца“ топката во мрежата на англискиот претставник.

Впечатокот беше дека ПСЖ многу лесно освојуваше простор и го искористуваше моментумот на бунило кај противникот. За нивна жал, иницијативата и поседот не го валоризираа според очекувањата и казната во вториот дел можеби беше извесна.

Доколку Пеп Гвардиола крајно претпазливо и тактички повлечено го стартуваше дуелот, во продолжението неговиот колега и поранешен тренер на Тотенхем го презеде тој примат. Клубот од „светлосиниот“ дел на Манчестер, тргна фуриозно и ја помести задната линија до центарот, овозможувајќи му на средниот ред и нападот брзо „заздравување“ и враќање на топката во нозете. А кога Сити ја има топката во нозете, на противниците „лошо им се пишува“.

Блицкригот се случи во 64-тата минута, откако Кевин Де Брујн шутираше, или се обиде да пронајде некој од соиграчите во шеснаесетникот на Кејлор Навас и топката заврши позади неговиот грб. Слабата синхронизација помеѓу голманот на Коста Рика и одбраната на ПСЖ резултираше со евтино примен гол. И вториот постигнат погодок на Манчестер Сити не се разликуваше претерано во наивноста и потецнувачкиот пристап на нивните противници. Очајно поставениот „жив ѕид“ му донесе на Сити водство од 1:2, скор кој стоеше на семафорот на „Паркот на Принцовите“ и по последниот свиреж на Феликс Брих.

Работите за парижаните дополнително се влошија кога Идриз Гана Геј во 77-та минута заработи директен црвен картон, после непромислениот старт со отворена копачка врз Илкај Гундоган.

Париз Сен Жермен можност за „поправен“ ќе добие за шест дена, односно на четврти мај на „Етихад“. Победа од 0:2 на парижани им носи второ последователно финале во Лигата на шампионите, во спротивно, Манчестер Сити за првпат во својата историја ќе заигра натпревар за сребрениот уважен пехар против подобриот од Реал Мадрид или Челзи.

 

 

Фото:

Twitter / @Squawka

Twitter / @StatmanDave

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.